Наместо аргументи, имаме дебати со тупаници, наместо политички ТВ дуели, имаме предизборни монолози. Ова се само дел од заклучоците на предавањето насловено „Повеќе напор за повеќе јавна дебата во Македонија“ во рамките на петтата Летна академија, која ја организира Младинскиот образовен форум.
Предавањето, водено од страна на Марјан Забрчанец и Стефан Алексиќ, имаше цел да им ја објасни суштината на јавната дебата пред средношколци. Предавачите говореа за значењето на јавната дебата, за основните цели на дебатата, за историјата на дебатата , потенцирајќи ги легендарните дебати на Линколн и Даглас како и првиот ТВ дуел помеѓу Кенеди и Никсон, по што се осврнаа на состојбите кај нас. Во делот од предавањето насловен „Жална дебата во Македонија“, се донесе заклучок дека има хроничен недостаток на квалитетна дебатна расправа во Македонија.
„Во Република Македонија недостасува судир на аргументи помеѓу носителите на политичките одлуки“, коментира Марјан Забрчанец од МОФ.
Предавачите забележаа дека кај нас законите се носат зад затворени врати беа почитување на демократските законскии принципи. Последниот ТВ дуел во Македонија се одржа 2009 година, помеѓу тогашните претседателски кандидати Љубомир Данаилов Фрчковски и Ѓорѓе Иванов, се присетува Забрчанец. Предавачите се согласија дека e потребно да промовира вистинската дебата, за што посочија дека мора да се работи. Еден од начините, забележаа тие е преку формирање дебатни клубови во средношколските клупи, со што на младите ќе им се овозможи навремено да се стекнат со навики за културен дијалог за во иднина да се подобри состојбата на дебатата во Македонија.
Роберт Димковски