Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“, која од февруари годинава активно се бори за воспоставување на прв градски парк во Тетово, денеска испрати две отворени писма – едното до евроамбасадорот Дејвид Гир, а второто до градоначалникот Билал Касами и до членовите на советот.
Од иницијативата велат дека Тетово останува како единствен поголем град на Балканот без свој градски парк, додавајќи дека како жители се соочуваат со интензивна и дива урбанизација, недостаток на зеленило и јавен простор и висококатници кои никнуваат во мирни населби за индивидуално домување.
„Прашуваме кој треба да биде загрижен за Тетово? Вака може да се продолжи, но прашање е кој ќе ја плати цената за тоа. На избори излезеноста е под 30%, градот е празен, јавниот простор уништен, чистотата намалена, градењето е непланско, недозволено и штетно, вклученоста на граѓаните е непостоечка, Тетово 30 години не стагнира, туку тоне, во споредба со другите градови, кои годинава промовираа пешачки патеки, трим стази, велосипедски стази, сцени на отворено, нови паркови, иако имаат веќе прекрасни градски паркови. Доколку се уништат сите градски населби, доколку се изградат насекаде згради, а урбаната мафија го голтне и последниот јавен неискористен простор погоден за градско зеленило, што ќе остане од градот?“, стои во писмото адресирано до градоначалникот и советниците.
„Ние направивме се` што е во наша моќ, самоорганизирани, без финансии и говорејќи право во очи, сакајќи го нашиот град и борејќи се одлучно да го добиеме она што ни е потребно и го заслужуваме. Градскиот парк во Тетово е потребен на секој еден граѓанин, тоа е место кое обединува, кое ќе задоволи и здравствени и рекреативни, но и социјални аспекти во нашите животи“, стои во писмото наменето за евроамбасадорот Гир.
Писмата се интегрално објавени на Фејсбук страницата на „Тетово сака парк“.