Јавно набљудување на кометата C/2023 A3 денеска на паркингот пред Кале од 18 и 30 часот

Скопското астрономско друштво организира јавно набљудување на кометата C/2023 A3 (Tsuchinshan-ATLAS) денеска, 22 октомври, на паркингот пред Кале. Набљудувањето на кометата ќе започне во 18 и 30 часот и ќе заврши околу 20 и 30.

„Ако имате двоглед, земете го со вас. Ако сакате да фотографирате, понесете ја вашата камера. Облечете се топло бидејќи ноќите стануваат постудени“, советуваат од Скопското астрономско друштво.

Инаку, C/2023 A3 (Tsuchinshan–ATLAS) е комета од облакот Орт, откриена од опсерваторијата „Purple Mountain“ во Кина на 9 јануари 2023 година и независно пронајдена од „ATLAS“ Јужна Африка на 22 февруари 2023 година. Кометата поминала перихел на растојание од 0,39 астрономски единици од Сонцето на 27 септември 2024 година, кога стана видлива со голо око. Tsuchinshan–ATLAS ја достигна својата најсветла магнитуда од -4,9 набргу откако го помина Сонцето на 9 октомври, според пријавените набљудувања во базата на податоци за набљудување на комети (COBS).