Јавното обвинителство отвори истражна постапка за 27 лица и три компании во врска со пожарот во Кочани

Јавното обивинителство отвори истражна постапка против 27 лица и три компании за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која ноќта на 16 март загинаа 59 а повредени се над 190 лица, пренесе новинската агенција Мета.

Како што информираат од обвинителството, деталите за истрагата, осомничените и предложените мерки за обезбедување ќе бидат соопштени на прес-конференција пред зградата на Основното јавно обвинителство Кочани.

Претходно, државниот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека дискотеката не ги исполнувала условите за да работи како ноќен клуб, имала само еден излез, немала хидрант ниту доволно ПП апарати, била обложена со запалливи материјали. Концертот кобната ноќ се одвивал без потпишан договор.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на повеќе наврати потенцираше дека последната лиценца за работа на оваа дискотека била издадена минатата година во март, а истекла неколку дена пред кобната ноќ.

Во Кочани вчера беа погребани 30 починати од пожарот во дискотеката „Пулс“, во повеќе градови беа погребани и дел од останатите жртви, како и членовите на бендот ДНК кои починаа вечерта на 16 март 2025 година.