Главниот град на Словенија, Љубљана, има долга традиција на постоење на автономни културни центри. Напуштени згради и фабрики, наместо да пропаднат биле претворени во места погодни за младите уметници, каде тие би твореле, или би разменувале идеи. Еден од тие центри е и Фабрика Рог, односно поранешна фабрика за велосипеди, за кој зборуваше младиот активист Јернеј Кастелиќ во својата презентација на „Engage@Akto“ во Битола. Во интервју за Радио МОФ, тој рскажува за нивната борба за одржување на овој простор во живот, откако властите најавија нов проект, кој би значел рушење на местото кое веќе десет години го одржува епитетот на Љубљана како урбана метропола, заедно со Метелкова.
Како од напуштена фабрика за велосипеди Рог се издигнуваше изминатите десет години во алтернативен културен, активистички и социјален центар?
Фабрика Рог успеа да опстои со тоа што луѓето имаат желба и ентузијазам да прават нешто што не може да се направи на друго место во Љубљана. Приказната започна кога неколку млади луѓе пред десет години, претежно уметници и активисти, имале утописки план центарот да биде од отворен карактер и луѓето да можат да го користат овој простор. Но, потоа дојде зима и луѓето не беа толку присутни, поради тоа што таму нема греење и бидејќи им беа отворени просториите, им украдоа компјутери и дел од работите кои ги чуваа таму. Така што, поголемиот дел од тие луѓе кои почнаа таму, веќе ги нема, други почнаа да се занимаваат со други работи на други простори, но останаа десеттина луѓе кои веќе осум години се активно таму.
Потоа, дојде друга фаза, кога имаше многу зависници од дрога и алкохоличари, со тоа што не беше некој сигурен простор, па со нова иницијатива беа исфрлени проблематичните членови и сега преовладува некоја трета фаза, која трае веќе три години. Тоа е кога ние дојдовме со нашиот колектив, заедно со уште еден, составен од 60 членови – филозофи кои сакаа простор за да собираат филозофски книги и циркус.
Во моментов има околу 15 колективи и 100 активни членови. Тоа значи дека колективите може да имаат од 15 до 20 членови, а има и индивидуални уметници.
Властите се заканија со рушење на местото со цел да градат нов културен центар. Како се одвиваат преговорите со нив?
Осуммина активисти на Рог го тужеа градот, бидејќи со реализација на проектот тие би го изгубиле своето место на живеење. Судот реши дека се додека случајот не се разреши, градот ќе ја сопре градежната работа. Сега тек претстојат преговорите со градските власти за тоа како ќе продолжиме. Но, проблемот е во тоа што градот сака да го заврши тој проект и тоа значи дека сите колективи што се во Рог би престанале да постојат за две години. Тоа е навистина страшно бидејќи ако за две години не постојат, тогаш веројатно би ги снемало овие колективи.
Неколкупати имаше обиди доцна во ноќта, маскирани лица да упаднат и да се обидат да го срушат објектот, меѓутоа наидуваа на жив ѕид. Колку сте задоволни од поддршката која досега ја добивте од граѓаните во борбата за спас на центарот?
Кога се случи живиот ѕид и одбраната на Рог, голем број луѓе ни помогнаа, иако тоа најчесто беа луѓе кои имаат потреба од просторот. Токму поради тоа, сакаме да се поврземе со што повеќе луѓе, со цел Рог да расте.
Каков беше досегашниот однос на градските власти кон објектите како Метелкова и Фабрика РОГ и зошто според вас тие им пречат на властите?
Властите немаа проблем со нас, се досега не решија да го усвојат проектот. Претходно, бевме договорени да не си пречиме едни со други, а сега најверојатно има некои финансиски интереси, бидејќи проектот кој сакаат да го усвојат треба да биде приватно партнерство за да се изгради некој културен центар, а покрај него би изградиле хотел и некоја луксузна зграда. Но, тоа неколку пати го сменија планот, па сега велат дека сакаат само да направат културен центар. Меѓутоа, целата документација и законот покажуваат дека ако тие започнат со изградбата на културниот центар, се отвора повторно можноста за тоа приватно сопствеништво, така што можно е тоа да е само нивен план, да почнат да работат на овој културен центар, а потоа повторно да се префрлат на идејата за хотелот и зградата.
Во Словенија има традиција на постоење на вакви автономни центри. Покрај Рог, тука е и прочуената Метелкова. Што се случува таму?
Кога градските власти ги условија да се формализираат, тие покренаа здружение. Нивната динамика е една работа што ги разликува од останатите автономни центри, а друга работа е тоа што Метелкова прерасна во туристичко место, преполно со клубови и барови. Веќе не е тој автономен простор кој беше пред десеттина години, кога почнав да одам таму.
Зошто е важно да постојат објектите како Фабрика Рог?
Овде има многу работи коишто се значајни, една од нив е тоа што автономните центри во Љубљана се единствените простори кои имаат добра музика, некако се издигнуваат од неолибералистичките и комерцијалните логики, така што луѓето кои не сакаат да одат во дискотека одат во тие простори. Тоа е многу важно бидејќи луѓето остануваат во Љубљана токму поради таквите простори и не одат на други места. Другата работа е тоа што таквите простории за некои млади уметници се многу значајни, бидејќи немаат никакви пречки да го работат она што го сакаат и за некој уметник тоа е просторот кој ќе му даде целосна слобода.
Како планирате во иднина да го одбранете вашиот центар од властите?
Нашата иницијатива започна пред половина година, кога правевме повеќе работи, од гледање на документацијата за проектот, до разговори со академци и експерти. Се поврзувавме со уметниците и имавме акција која се викаше „Децентрализација на уметноста“, во која се вклучија 140 уметници и на некој начин ни помагаа. Потоа, го организиравме фестивалот во периодот кога се случи одбраната, а во иднина најверојатно ќе претставиме алтернативи за уредување на овие згради. Сега подготвуваме наша визија, веројатно ќе имаме театар, нешто што досега го немаше, како и читална.
Емилија Петреска