Од 1 до 19 ноември виртуелно ќе се одржи 17-то издание на Саемот за вработување и кариера „Job Fair 2021“, организиран од страна на бордот на Европски студенти по технологија (БЕСТ) од Скопје.
Организаторите објаснуваат дека на настанот ќе бидат вклучени студенти и компании од техничката сфера.
„’Job Fair’, како еден од најголемите настани кои ги организира БЕСТ – Скопје, нуди можност студентите на интересен и интерактивен начин да се запознаат со работата и визијата на партнер-компаниите, сѐ со цел да се олесни потрагата по на работно место кое е поврзано со нивната сфера на студии. Дополнително компаниите имаат шанса да стапат во контакт со младите преку рафинираната CV датабаза кој Job Fair ја нуди на техничките компании“, посочуваат тие.
Истовремено, тие додаваат дека студентите ќе можат да остават CV на нивната веб-страница, а преку тоа имаат можност да бидат повикани на интервју за работа.
На саемот се предвидени „networking“ настани и вебинари.
„Job Fair се залага да им понуди што повеќе можности на студентите и младите луѓе кои се интересираат да влезат на пазарот на трудот. Со таа цел инфо состаноците и вебинарите претставуваат поволна можност за поставување на релевантни прашања во однос на пракса, вработување, културите на компаниите и многу други прашања со цел студентите да го направат најдобриот избор при одбирање на својата пракса или вработување“, додаваат од БЕСТ Скопје.
За повеќе информации може да се посети нивната веб-страница, каде исто така може да се поднесе и CV.