„Job Fair“ од 24 до 27 март на техничко-технолошкиот кампус

Бордот на европски студенти по технологија (БЕСТ) – Скопје го најавува дваесеттото издание на Саем за вработување и кариера „Job Fair 2025“, кој ќе се одржува од 24 до 27 март.

Од БЕСТ велат дека „Job Fair“ е настан кој ги поврзува студентите и компаниите на едно место. Овогодишното издание ќе се одвива со физичко присуство на техничко-технолошкиот кампус (ФИНКИ, ФЕИТ, МФС, ТМФ), каде секоја од партнер компаниите ќе може да се запознае со студентите од техничкиот кампус.

„‘Job Fair’ не само што е најголемиот настан кој БЕСТ Скопје го организира, туку е одлична можност за секој студент да ги надгради своите професионални вештини, да извлече вредни информации околу индустријата, но пред сè,  да се запознае со претставници од компании кои ќе му помогнат полека да се вклучи во пазарот на трудот. Се гледаме на технчко-технолошки кампус од 24 до 27 март“, стои во најавата за настанот.

Од БЕСТ велат дека „Job Fair“ е веќе познат бренд меѓу студентите и компаниите, и забележува растечки интерес секоја година. Досега имаат соработувано со повеќе од 90 компании, а секоја година саемот го посетуваат повеќе од 5.000 студенти.

За повеќе информации на следниот сајт: www.jobfair.org.mk.