„Потребата за социјално претпријатие произлегува од тоа што системот за отпад е целосно неформален и е во доменот на сива економија. А, со тоа и е нелегален. 80-90% од сите материјали, секундарни суровини што се рециклираат во Македонија, се собрани од неформалните собирачи за отпад. Со тоа што го собираат отпадот од контејнерите на ‘Комунална хигиена’, практично го крадат од претпријатието. Но, се работи за најефективни собирачи, нивната улога во општеството е огромна, но се дел од неформален систем каде се проценува дека се вклучени 800 семејства. Така е со децении“, вели Антонио Јовановски, извршен директор на Здружението „Go Green – Биди Зелен“ во разговор со Радио МОФ.
Здружението е во процес на отворање социјално претпријатие. Целта е неформалните собирачите да се организираат, да се стават во формалниот систем за отпад. Собирачите да имаат пристојна работа, да се обезбедат потребните документи, даноци итн.
Од друга страна, вели тој, е свеста и потребата на граѓаните за селектирањето.
„Последното истражување на ‘Детектор’ од 2020 година вели дека 84% од граѓаните изразиле желба за селектирање, доколку постојат услови за тоа. Социјалното претпријатие ги спојува овие две потреби. Поставува канти за хартија и пластика на секој спрат од зграда, буквално крај домовите, па селектирањето е блиску. Моментално имаме пилот-зграда, каде собирач доаѓа две недели. Увидовме дека граѓаните имаат потреба да фрлаат блиску до местото каде создааат отпад. Да не мораат да го ставаат во багажник, да го носат некаде. Свесни граѓани го прават тоа, ама е реткост“, објаснува Јовановски.
Во 2017, преку истражување за селекција на отпад, Здружението увидело дека само 5,7% од испитаниците го исфрлаат отпадот во посебни контејнери за селекција на различен отпад. Увиделе и на низа проблеми што наидуваат граѓаните што ги спречува да вршат примарна селекција во нивните домови.
Вака, се покажува дека им е многу полесно. Пример, граѓанин излегува од дома и во ходникот фрла празно шише. Така станува посвесен за тоа колку создава отпад, колку троши пластика. Иницијативата вклучува и едукација, упатства што точно се селектира, што не се селектира, какви ПЕТ амбалажи…
Ова значи, доближување на услугата до граѓаните, а истовремено ангажирање и распоредување на собирачите по згради, домаќинства и компании што ќе се вклучат во овој модел на селектирање.
„Сега тестираме, а би вклучувале уште згради и компании. Мора да знаеме колку објекти ни се потребни по еден собирач. Колку еден собирач може да покрие, колку собирачи би се распоредиле по регион… Тоа е социјалното претпријатие, буквално инклузија и доближување на услугата – селектирање. Затоа и иницијативата е под хаштагот #Селектирам. Одиме чекор по чекор. Преку сајт во иднина би се вметнале сите згради, со мапи, региони на покриеност, со извештаи и сл“, вели Јовановски.
Здружението веќе нагласи дека пилот-проект „Ја собираме пластиката од дома“ во 2018 година во населба Лисиче дал позитивни резултати – граѓаните покажале добра волја и дисциплина во селектирањето. Се покажало дека овој тип на активност има и економска логика и може да се вработат две лица.
Околу процесот на формализација, Јовановски вели дека „Go Green“ го презема образовниот процес на собирачите. Здружението во 2018 донесе стандардно занимање „собирач на отпад“. Во 2020 година, пак, ја верификува образовната програма „собирач на секундарни суровини“. Здружението треба да обезбедува тренинзи.
Агенцијата за вработување, преку мерките за зелени работни места, ќе плаќа обуки и на собирачите – теорија и пракса во фирма за рециклирање. Тие што успешно би поминале тренинзите – тие би се вработиле во социјалното претпријатие.
„Кога ќе завршат ќе имаат сертификат, или легимација да бидат професионални собирачи, согласно занимањето. Ќе ги вработува социјалното претпријатие, ќе имаат дозвола за работа. Ако ги застане инспектор или полицаец, ќе знаат дека се регулирани, со функција во општеството“, вели тој.
Јовановски објаснува дека „Комунална хигиена“ се задолжени за кантите на јавна површина. A, ова се воспоставува на приватен простор. Затоа одат преку куќен совет и управителите на зградите, фирмира што ги одржуваат.
„Куќниот совет дава согласност и одредува човек. Додека дојдеме до оптимално собирање, ќе има време од еден месец за да видиме колку зградата троши и сл., па затоа ќе треба човек од зградата/фирмата, задолжен за оптимизацијата. Значи, куќниот совет прави договор со социјалното претпријатие, или управителот. Социјалното претпријатие плаќа вработување на собирачот, а рециклаторите (т.н. ‘отпадџии’) плаќаат на фирмата, на социјалното претпријатие“, објаснува Јовановски.
Смета дека ваквата активност дополнително ќе ја намали сивата економија што се случува кога рециклаторите им плаќаат на рака на неформалните собирачи.
Социјалното претпријатие ќе земе дозвола од Министерство за животна средина за собирање и транспорт на неопасен отпад. Како што, пример, имаат собирачите на „Пакомак“. Со дозволата, социјално претпријатие ќе се јавува како фирма-собирач.
„Мисијата ќе биде социјална, а не за профит“, нагласува Јовановски од „Go Green“.
Бојан Шашевски