Јавното Сообраќајно Претпријатие – ЈСП Скопје информира дека вчера го раскина договорот со приватниот превозник „Макекспрес“.
„Линиите на кои сообраќаа приватните автобуси, отсега ќе бидат заменети со автобуси на ЈСП Скопје со што транспортот на патници ќе продолжи непречено“, велат од ЈСП.
Според ЈСП, причина за раскинувањето на договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ е непочитување на обврските од договорот во кои се уредуваат условите за начинот на јавен превоз.
„Со жалење мораме да констатираме дека ‘Макекспрес’ до моментот на раскинување на договорот не успеа да обезбеди модернизирани автобуси со соодветни еколошки стандарди, основно ниво на хигиена во автобусите и редовност без доцнење на автобуските постојки“, велат од ЈСП.
Сите овие поплаки се истакнати од граѓаните, тврдат од таму, со што во целост се нарушува и имиџот на јавниот превоз во главниот град.
„Уште еднаш потенцираме, транспортот на патници на линиите кои досега ги сервисираше Макекспрес’ ги превзема ЈСП Скопје со сопствени автобуси“, стои во соопштението на ЈСП.
Инаку, „ Освен „Макескпрес“, Скопје го опслужува и друг приватен превозник – „Слобода превоз“.
СДК.мк пишува дека градоначалничката Данела Арсовска во јануари ги продолжи договорите со двата приватни превозници.
Истовремено, медиумот објави дека Град Скопје му должи на „Макекспрес“ околу половина милиони евра, но во соопштението на градските власти не се надедува дали ќе му бидат исплатени парите на овој приватен превозник, кој возеше со 72 автобуси на петте линии со број 19, 20, 22, 52 и 54.