МОН две години не плаќа за бесплатниот превоз на студентите, за секој извозен километар се прави трошок од два денари, а приход од еден денар. Субвенционирањето од Град Скопје во висина од 673.870 илјади денари (околу 10,96 милиони евра), не е доволно за претпријатието да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспортен систем и развој на јавниот градски превоз во Скопје
Ова се дел од наодите од ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на финансиските извештаи на Јавното сообраќајно претпријатие, заедно со ревизија на неговата усогласеност за 2023 година.
Од ДЗР велат дека се констатирани состојби, неправилности и неусогласености во работењето на ЈСП и поради нивното значење изразиле неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
„Со ревизијата е утврдено дека Владата нема донесено одлуки за одобрување на средства од буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз на редовните студенти на државните универзитети за учебните години 2022/2023 и 2023/2024. Поради тоа, во буџетот на МОН не се предвидени средства за оваа намена, додека јавното сообраќајно претпријатие ‘Скопје’ продолжува да ја исполнува својата законска обврска за бесплатен јавен превоз, но без надомест. Недостигот на средства од МОН влијае на континуитетот на услугата“, велат од ДЗР.
Во однос на плаќањето на надоместокот за извршениот превоз, ЈСП во континуитет не ја исполнува обврската за исплата на аконтативната, односно конечната пресметка за претходниот месец, 15 дена по приемот на фактурата, додаваат од ДЗР.
„Заклучно со 31.12.2023 година, претпријатието има неподмирени обврски кон овластените превозници во вкупен износ од 93.254 илјади денари, што може да создаде дополнителни потешкотии во понатамошното работење на правните субјекти ангажирани во јавниот превоз. Поради ненавремено плаќање, превозниците работат со намален капацитет и не можат да обезбедат превоз на линијата во договорениот обем, што значи дека не го задоволуваат потребниот капацитет од најмалку 80% во текот на месецот. Поради ненавремено плаќање на фактурите за секоја испорака на гориво, склучена е неповолна спогодба за плаќање на долгот на рати, во која е предвидено пресметување на казнена камата што е 50% повисока од стапката на законската кказнена камата. Оваа одредба не е предвидена во договорот за јавна набавка. Во текот на ревизијата, по барање на ЈСП ‘Скопје’, доверителот има доставено одобрение за намалување на пресметаната камата за 50%, што изнесува 12.583 илјади денари“, велат од Државниот завод за ревизија.
Целата ревизија е достапна на следниов ЛИНК.