По повод 10 години „Прво па женско“ – фестивал за феминистичка култура и акција, „Тиииит! Инк.“ организира „All stars“ гала настан на тема „Цепки“.
Настанот ќе се одржи на 13 мај со почеток од 20 часот, во Филхармонија на Република Северна Македонија.
Свои интерпретации на темата ќе раскажат петмина локални раскажувачи кои со своите настапи веќе оставиле голем впечаток на публиката – уметницата Јана Јакимовска, планинарката и уметница Илина Арсова, писателот Петар Андоновски, радио водителката Маја Казакова, како и режисерката Софија Ристевска.
И на овој гала настан ќе настапи една регионална раскажувачка, односно хрватската книжевничка и активистка Мима Симиќ.
„Во фокус на настаните на јубилејното издание на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО оваа година е субверзивната моќ на хуморот, посебно имајќи го предвид традиционалното исклучување на женските гласови од полето на смешното и честото исмевање со ‘типично женските’ искуства“, велат од „Тиииит! Инк.“
Оттаму објаснуваат дека темата произлегува од идејата дека патријархатот тврдоглаво го киднапира хуморот и го претставува како област на машко, хетеронормативно дејствување, и незауздано си го оградува ваквиот простор како свое идилично дворче каде што „хуморот не смее да биде политички коректен“ или „случајно да го поштеди предметот на потсмев“.
„Како резултат на ваквите правила на игра, имаме истрошени и тромави хехенца на штаки, коишто лакомо си го чуваат своето место помеѓу јавноста и будно сонуваат за враќање во славното минато кога ‘никој не се вреѓаше од вицови’. Заради ова, темата ‘Цепки’ има за цел да понуди повеќе интерпретации на тоа што е смешно, а истовремено и да ја насмее публиката’, велат организаторките.
Поради пандемијата, влезниците оваа година се во строго ограничен број – 75% од просторните капацитети на Филхармонија.
Од „Тиииит! Инк.“ нагласуваат дека настанот ќе се реализира согласно актуелните мерки/протоколи за организирање настани во затворен простор.
Билетите за настанот се достапни на билетарницата на Филхармонија и онлајн на mktickets.mk во висина од 200 денари.
Овозможено е и телефонско резервирање на билети, со контактирање на Филхармонија.