Во понеделник, 21 ноември во 20 часот на Факултетот за музичка уметност ќе се одржи концерт во чест 75 години од раѓањето на композиторот и професор Стојан Стојков, во рамки на Есенските музички свечености.
Наратор на концертот ќе биде проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја, а студенти на ФМУ и професионални музичари ќе изведуваат дека на Стојков.
Неговиот творечки опус опфаќа дела од симфониското, вокално – инструменталното, сценското, вокалното, камерното, детското и други видови музичко творештво. Како член на повеќе еѓународни организации и Форуми од областа на музиката, Стојков дава и огромен придонес за развојот и афирмацијата на македонската музичка култура. Неговите композиции се изведувани во повеќе од 20 земји во светот меѓу кои сите балкански и европски земји, САД, Канада и Русија и секаде предизвикувале посебен интерес. Познати домашни и светски хорови композициите на Стојков ги носат на својот постојан реперотар и за нивната изведба се наградувани на интернационално ниво. Сето ова Стојков како композитор го издвојува како еден од најпродуктивните и најпрепознатливите македонски композитори кои својата афирмација ја градат не само на домашно туку и на светско ниво.
За општествената и стручната ангажираност на проф. Стојан Стојков му се доделени повеќе домашни и меѓународни награди и стручни признанија, меѓу кои и најголемата државна награда „11 Октомври“.