Jубилејна „десетка“ на „Под земја полесно се дише“ на 28 декември

Во гаражите под „Плочник“, позади Соборна во Скопје, на 28 декември од 19 часот ќе се одржува 10-ото издание на мултимедијалниот настан „Под земја полесно се дише“.

„Како: и секоја година, дојдете во огромен број, оти полесно се дише во тазе јаглерод диоксид него во ладен скопски смог. Со кого: со сите градски и приградски луѓе што не се плашат ич од скопскиот студ. Зошто: уметноста ги зближува луѓето!“, велат од колективот „Кула“.

Оваа година независното уметничко воздушно подземје ќе биде исполнетo со музичка програма на „Алембик“, „Намуз“ и „Пондскал“.

Истовремено ќе има и ликовна програма со уметнички дела од Еџе Али, Јелена Белиќ, Филип Велковски, ΓΑΔΑΚ (Грција), Ангела Георгиевска, Денис Денчиќ, Диме Ѓорѓиевски, Бранкица Јордановска, Симона Манчева, Наташа Неделкова, Амир Карахасан, Миле Неделков, О.П.А, Виктор Петрески, Исмет Рамиќевиќ, Ертунч Сали, Сања Симоска, Елеонора Стојановиќ, Aделиса Фазлиоска, Студенти од Архитектура.

Дизајнот на плакатот е на Амир Карахасан.

Инаку, „Под земја полесно се дише“ е еден од најзабележителните супкултурни и андерграунд фестивали во Скопје, организиран од колективот „Кула“. Обично опфаќа концерти, изложби, печатени уметнички изданија, односно културно инхалирање свежа продукција од областа на визуелните и музички уметности.

Се’ се одржува под земја, во гаражен простор.

По пауза од две години поради пандемијата, „кулаши“ се вратија со фестивалот во 2022-ра и повторно го организираат на крајот на секоја година.

Во продолжение, погледнете фотки од минатото издание:

Фото: Кула
Бојан Шашевски