На 1 декември во Националната галерија, во објектите Чифте амам и Mала станица ќе биде отворена голема јубилејна изложба на членови на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од неговото постоење до денес, по повод 75 години од формирањето и постоењето на друштвото.
Свеченото отворање ќе се одржи во Чифте амам со почеток во 20 часот, а приемот на посетители ќе биде во период од 19 до 19 часот и 50 минути. Изложбата ќе може да се проследи до 12 декември.
„На изложбата ќе биде претставен богат творечки опус, слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори, почнувајки од основоположниците на ДЛУМ, преку истакнати доајени кој што го трасирале патот и оставиле силен белег во современата ликовна сцена, средна генерација истакнати ликовни автори, па се до новата генерација која што ја претставува иднината на ДЛУМ. Горди сме на нашето членство и со задоволство го славиме овој значаен јубилеј“, велат од ДЛУМ.
На отворањето на изложбата ќе се обрати директорката на националната галерија Дита Старова Ќерими, претседателката на Уметничкиот совет на ДЛУМ Дијана Томиќ Радевска и министерката за култура Ирена Стефоска. Како што најавуваат од ДЛУМ, изложбата ќе ја отвори покровителот на јубилејот, односно претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски.