Во објектот Чифте амам во срцето на Старата скопска чаршија на 23 јуни (среда) во 20 часот ќе се отвори јубилејната изложбата – 110 години од раѓањето на македонскиот историчар на уметност и ликовен уметник Димче Коцо.
„Годинава Националната галерија, и целата наша културна јавност, ја одбележува стодесетгодишнината од раѓањето на Димче Коцо (1910-1993)“, се вели во најавата за изложбата.
На изложбата ке бидат презентирани стотина дела на Димче Коцо (таписерии, масла, акварели, цртежи и скулптури).
Голем број дела се наоѓаат во Националната галерија на Македонија, во Музејот на современата уметност во Скопје, во МАНУ, како и во потесното семејство на Димче Коцо.
Коцо е роден на 10 октомври 1910 година во Охрид. Извесно време го посетувал Уметничкото резбарско школо во Охрид. Потоа истовремено почнал да го посетува уметничкото занаетчиско училиште во Белград и да студира Историја на уметност на Филозофскиот факултет во Белград, на кој дипломирал во 1936 година.
„Во 1945 година се враќа во Скопје и го иницира формирањето на Народниот музеј во Скопје и работи како негов директор а истовремено почнува да предава историја на уметност на Филозофскиот факултет во Скопје. Активно дејствува и како ликовен уметник на полето на сликарството и скулптурата а особено на цртежот таписеријата. Член е на ДЛУМ од 1945 година. Како историчар на уметноста и ликовен критичар, објавил повеќе статии од областа на средновековната уметност, современата уметност како и археологијата“, стои во најавата на изложбата.