Во Кинотеката на Македонија на 1 март од 20 часот ќе биде прикажан „Враќање во иднината“ на Роберт Земекис, објавен во 1985-та. Оваа, 2025-та се навршуваат точно 40 години од премиерата на еден од најобожуваните научнофантастични филмови, кој ја дефинираше поп-културата и инспирираше генерации.
Два денови потоа, на 3 март од 20 часот, во Кинотека ќе биде прикажан и „Враќање во иднината 2“.
Следниот ден, 4 март во истиот термин од 20 часот ќе има проекција на „Реквием за еден сон“ (2000) од режисерот Дарен Аронофски.
„25 години од премиерата на оваа потресна драма, едно од највознемирувачките истражувања на човечката зависност и пропаст“, стои во најавата.
Во среда, 5 март ќе има „In Memoriam – Почит кон големите автори и уметници“, овој пат чествување на Дејвид Линч, со неговиот филм „Приказната за Стрејт“ од 1999 година.
„Во чест на неодамна починатиот мајстор на филмската илузија, Дејвид Линч, со приказна која зрачи со топлина и човечност, различна од неговите вообичаени надреални светови“, се вели во најавата.