Со изложба на тројцата годинешни добитници на наградата „ДЕНЕС“, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли, на 14 септември во Националната галерија– Чифте амам ќе се заокружи одбележувањето на јубилејот 20 години од првото доделување на оваа награда за млад визуелен/а уметник/чка до 35 години.
Наградата ‘ДЕНЕС’, основана во 2002 година е платформа што во текот две децении континуирано им нуди на младите уметници програма за престој на уметници во Њујорк, искуство во специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, средби и презентации со интернационална жири-комисија и продукција на нови дела во рамките на изложба за наградата.
Од 2015 година наградата локално ја организира здружението Факултет за работи што не се учат –
ФРУ, во рамки на фестивалот АКТО.
Одбележувањето на 20-годишнината на наградата ДЕНЕС започна во април годинава со петдневна едукативно-дискурзивна програма за млади уметници „Совршениот уметник“ во НГРСМ – Мала станица, каде што млади уметници се стекнаа сo практично-теориски вештини во современата уметност и критички увид во својата практика, но и во локалниот контекст виден од интернационална перспектива.
Потоа продолжи со изложбата „Прекаријатот има шанса: јавни простори во движење (кон)“ во Галеријата „Структура“ во Софија, каде што 20 уметници од земјава, дел од нив добитници, учесници или финалисти на наградата ДЕНЕС, ја претставија својата рецентна практика пред софиската публика.