Од 15 до 22 август во Скопје ќе се одржи петнаесеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.
Овогодишното издание е посветено на архивите, за кое од „МакеДокс“ велат дека е скапоцено наследство што нè претвора во времепловци како ретко што друго.
„Толку е скапоцено што доволно е да отвориме очи за да се наежиме, да начулиме уши за да засолзиме или, пак, да ги брцнеме прстите за да посакаме од него да создадеме нешто ново. Да пресоздадеме сеќавања, да раскажеме поинаку – за да разбереме подобро. Но и за да се разбереме самите, без страв дека најверојатно ќе нè заплисне носталгијата, толку сложена, ама и лековита и подготвени да нè обземат надежта и поривот за промена“, велат од „МакеДокс“.
„Архивата е темелот, но без емоции никаде нема да стигнеме. Обете во себе чуваат неисцрпен креативен потенцијал, а какви приказни ќе посакаме да раскажеме зависи единствено од нас. Но, барем сега знаеме каде треба да копаме ако сакаме будно да живееме додека сме тука, за да почувствуваме длабоко и за да оставиме нешто вредно – и за нас самите, и за тие по нас. Повелете пред филмското платно – заедно да го прославиме јубилејот, да патуваме низ времето и да копаме емоции“, додаваат оттаму.
Фестивалот ќе се одржи на повеќе локации, односно во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, Младинскиот културен центар и Лабораториум.