Јубилејно петнаесетто марширање на црвените чадори

По повод 17 декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, „Стар“ – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот Колективот, заедно со ХОПС, ТрансФормА и Коалиција МАРГИНИ го организираат Маршот на црвените чадори во Скопје.

Организаторите истакнуваат дека годинава се одбележува и јубилеј, односно 15 години од одржување на Маршот на црвените чадори, што ќе се одбележи со овогодишната кампања „15 години колективен глас против насилството врз нас“

„Овогодинешната кампања ја посветуваме на 15 годишниот јубилеј, преку ретроспектива на изминатите маршеви на црвени чадори, на сите наши успеси, постигнувања, јавни пораки и барања, но и предизвици и проблеми со кои сме се соочувале низ годините во борбата против насилството и дискриминацијата“, нагласуваат тие.

Маршот ќе се одржи на 17 декември во 12 часот, а збирно место е платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза.

„Приклучете ни се на јубилејниот Марш на црвените чадори, повторно да ги отвориме црвените чадори и да се обединиме во борбата за еднакви човекови права, во рушењето на стереотипите поврзани со сексуалната работа и намалувањето на стигмата и дискриминацијата кон сексуалните работници во земјава“, посочуваат организаторите.
.