Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска соопшти дека метеоролошките станици во државата покажуваат дека овогодишниот јули бил натпросечно топол и влажен.
Дополнително, оттаму велат дека споредено со тридеценискиот период, од 1981 до 2010 година, температурата била за 0,7 степени Целзиусови повисока од просекот, додека месечната сума на врнежи била 16 милиметри или 41% над просечната.
„Апсолутното температурно колебање беше 37,8 степени, а месечното 10,5 степени и се движеше од 17,2 во Лазарополе до 27,7 степени во Гевгелија. Споредено со просечните јулски средномесечни температури за периодот од 1981-ва до 2010 година, годинашната температура беше натпросечна за 0,7 степени на ниво на државата. Средната максимална температура варираше од 24,4 степени во Маврово до 35,1 во Гевгелија. Највисоката максимална температура беше измерена на 24 јули во Гевгелија и изнесуваше 41,6 степени. Средната минимална температура варираше од 9,8 во Лазарополе до 19,5 во Гевгелија. Најниската минимална температура беше измерена во Лазарополе на 12 јули и изнесуваше 3,8 степени“, соопштија од УХМР.
Од УХМР велат дека варирањето на месечната количина врнежи во јули изнесувала 109 милиметри и дека се движела од 18.5 милиметри во Гевгелија до 127.7 милиметри во Берово.
„Врнежите беа од дожд и град. Максимално дневно количество на врнежи од 50,9 милиметри беше регистрирано во Берово на 29 јули. Споредено со јулската просечна вредност за периодот 1981 – 2010 година, измерената месечна сума на врнежи беше 16 милиметри или 41 отсто над просечната“, додаваат од УХМР.