Правниот факултет „Јустинијан Први“ во соопштение на својата веб-страница се оградува од сите профили на социјалните мрежи кои го користат името или дел од името на оваа институција. Овој потег на управата на факултетот доаѓа откако на ФБ-страницата „Правен факултет „Јустинијан Први“ – политички студии“ се појави цитат и фотографија на нацистичкиот министер за пропаганда Јозеф Гебелс.
Во соопштението објавено на веб-страницата на факултетот се вели:
„Единственото официјално електронско гласило на Правниот факултет “Јустинијан Први” Скопје е Веб страницата www.pf.ukim.edu.mk и порталите поставени исклучиво на официјалната Веб страница на Факултетот.
Правниот факултет јавно се оградува од сите портали, профили на социјални мрежи (Facebook, Twitter, MySpace и др.) и други облици на електронско огласување кое неовластено, во име на Правниот факултет, лажно објавуваат содржини. Правниот факултет не стои позади кои било објави и ставови кои што сопствениците на овие портали или профили ги заземаат и ги објавуваат.
Притоа, Правниот факултет ќе ги преземе сите законски расположливи мерки и средства за да се заштити од какви било повреди на угледот, честа и интегритетот на Факултетот од овакви неовластени портали и профили“, се вели во соопштението на веб-страницата на „Јустинијан Први“.
“