Јужна Кореја усвои нов закон со кој треба да се подобри заштитата на наставници од притисоците или приговорите кои доаѓаат од родителите.
Законот следи по девет недели протести на просветните работници во земјата, кои бараа поголеми права и слобода при вршење на нивната работа во училниците. Тие тврдеа дека се често мета на злонамерни поплаки од родителите, кои пријавуваат наставници за злоупотреба на деца со цел тие да ја изгубат работата. Дел од наставниците биле пријавувани за дисциплинирање на насилно дете, или пак за карање ученици.
Наставниците ги обвинуваа родителите за злоупотреба на законот за детска благосостојба, усвоен во 2014 година, со кој наставниците кои се обвинети за злоупотреба на деца автоматски се суспендираа од работа.
Според новиот закон за враќање на правата на наставниците, тие нема да бидат веднаш суспендирани по одредена поплака за злоупотреба на дете, туку првично ќе биде неопходно да се направи истрага. Дополнително, законот предвидува и финансиска поддршка за наставниците во судски спорови против нив.
Протестите на наставниците избувнаа откако 23-годишен наставник во основно училиште се самоуби откако се соочувал со поплаки од незадоволни родители.