Јужна Кореја на осамени млади луѓе ќе нуди месечен надоместок од 650.000 вони (490 американски долари) со цел да ги охрабри да излезат од нивните домови како дел од нова програма усвоена од Министерството за родова еднаквост и семејство.
Оваа програма истовремено нуди едукација, вработување и здравствена поддршка.
Состојбата е позната како „хикикомори“, јапонски термин кој може да се преведе како „повлекување во себе“ и означува сериозна социјална изолација кај младите луѓе кои одбиваат да ги напуштат домовите на нивните родители. Тие вообичаено не одат на работа или на школување и се затворени во една соба, изолирани од семејството и општеството во период подолг од шест месеци.
Во програмата која беше најавена оваа недела се нуди месечен надоместок за трошоци за живот за сите луѓе на возраст помеѓу 9 и 24 години кои се соочуваат со екстремна социјална повлеченост. Дополнително, програмата вклучува и надоместоци за културни манифестации за тинејџери.
Според Корејскиот институт за здравје и социјални прашања, околу 350.000 луѓе на возраст од 19 до 39 години во Јужна Кореја се сметаат како осамени или изолирани, што претставува околу 3% од сите млади на оваа возраст.
Изолираните млади често се од посиромашни семејства и 40% од нив започнале да живеат повлечено додека биле тинејџери, покажуваат владините документи на кои е базирана новата програма. Овие документи вклучуваат и научни студии во кои се опишани конкретни примери на млади луѓе кои ја користат изолацијата како начин да се справат со проблемите на нивните семејства.
Една млада личност ја опишува неговата депресија како последица на семејно насилство.
„Кога имав 15 години, семејното насилство ме фрли во депресија толку многу што започнав да живеам изолирано. Летаргична личност која спие поголем дел од денот. Јаде кога е гладна и потоа повторно се враќа во кревет“.
Друга личност, пак, објаснува дека социјалната повлеченост кај него настапила поради тоа што семејството западнало во долгови.
Новите мерки имаат цел да ја засилат владината поддршка со цел младите да ги вратат своите секојдневни животи и да се реинтегрираат во општеството, стои во соопштението на Владата.
Помеѓу другите видови поддршка кои се нудат е и плаќање за коригирање на физичкиот изглед на младите, како лузни од кои тинејџерите можеби се срамата, како и помош со училишниот и спортскиот прибор.
Јужна Кореа има релативно високо ниво на младинска невработеност од 7,2% и се обидува да го спречи брзото опаѓање на бројот на новороденчиња што претставува дополнителна закана за продуктивноста. Земјата оваа година стана единствена земја во светот со ниво на фертилитет под еден, каде жените во просек раѓаат по 0,78 деца. Најчеста причина зад изборот на жените да немаат деца се економските – високите трошоци за подигање деца, економското забавување, ограничените можности за работа и растечките цени за домување.