Облечена во бела кошула и сино сако, со нејзините огромни очила Еун Су-ми повеќе наликуваше на библиотекарка, наместо политички саботер додека се доближуваше до говорницата во парламентот на Јужна Кореја во 2:30 часот по локално време (18:30 вчера по средноевропско време). Смирена и одлучна, со издржливост на спортист, 52-годишната членка на опозициската партија ја започна својата мисија – да зборува десет часа, како дел од напорите на опозициските пратеници да го спречат гласањето за контроверзниот закон за борба против тероризмот, невообичаен потег што Јужна Кореја не го видела во последните 45 години, пишува Los Angeles Times.
Пратениците од конзервативната партија, која го има мнозинството во советот, во повеќе наврати ја прекинувале, дофрлајќи таа да се повлече и законот да оди на гласање. Лидерот на оваа партија Ким Јунг-хун ја обвини за претворање на парламентот во „меѓународен потсмев“.
Но, Еун продолжила одмерено со својот монолог, главно читајќи академски трудови за законодавството поврзано со антитероризмот. Кога била прекината, таа едноставно велела „Ве молам, извинете“.
Одлуката на опозициските пратеници да се впуштат во редок вид на опструкција, прва од 1969 година, ја нагласува длабоката поделеност околу овој закон.
Предлог-законот е наводно како одговор на неодамнешните провокации од Северна Кореја, вклучително и нуклеарниот тест и лансирањето на ракета со долг дострел. Пратениците на десничарската партија Саенури и претседателот Парк Геун-хај ја опишаа моменталната состојба како вонредна и тврдат дека е неопходно да и се даде на Националната разузнавачка служба поголема моќ за да ги испитува луѓето и организациите. Саенури има 152 од вкупно 300 места во парламентот. Ако мерката се стави на гласање на парламентарна седница, сигурно ќе се усвои.
Легислативата била првпат претставена во 2001 година по терористичките напади во САД и поттикнува огромни дебати во парламентот. Сепак, опозицијата останува на ставот дека надлежностите на Агенцијата треба да се ограничени, а не да се прошират. Според парламентарните правила, не постои задолжителен крај на дебатата, се додека некој продолжи да зборува, владејачката партија нема моќ да го запре.
Во овој случај, за да успеат опструкциите, пратениците мора продолжат со зборувањето до 11 март, кога парламентарната седница треба да заврши. Блокадата на законот започна во вторник вечерта, предводена од петчасовниот говор и забелешки на Ким Гван-џин од опозицијата, по што следуваше говорот на Еун кој траел цели десет часа и 13 минути, поставувајќи рекорд на најдолг говор кажан во парламентот наЈужна Кореја. Но, таа не успеа да го надмине светскиот рекорд поставен од американскиот сенатор Стром Турмонд кој зборувал 24 часа за да го оспори Законот за граѓански права од 1957 година.
Политичарите во Јужна Кореја не секогаш ги надминувале разликите така мирно. Во минатото, пратениците добивале ќотек, мебел и забарикадирани порти за да се спречи донесувањето на некој закон. Во 2011 година, опозициски пратеник фрли солзавец на говорницата во последен обид да го спречи потпишувањето на договорот за слободна трговија со САД. Собранието беше евакуирано, сепак законот беше усвоен.