Македонскиот компаратист и преведувач Владимир Јанковски е автор на книгата „Кабинет на чуда со ѕидови и огледала“, која содржи разговори помеѓу авторот и академикот Влада Урошевиќ во период од 20 години.
Книгата, објавена од издавачкиот центар „Антолог“, опфаќа дијалози водени во 2002 и 2003 година, вториот дел претставува еден подолг разговор од 2015 година, а последниот дел, „Кабинет на чуда“, разговори од 2023 година.
Издавачите посочуваат дека преку книгата, се допрени најголемиот дел од творечките преокупации на Урошевиќ, а авторот се обидува преку дијалогот за поетиката на писателот да долови и елементи од неговата личност, живот и односот кон современиците.
„Во книгата Урошевиќ дава свое видување на некои од главните преокупации во сопственото творештво: првичните поттици за пишување, детството како голема тема во литературата, опседнатоста со градот, необичните простори, куќата како топос, летото и медитеранските теми, алхемијата, поетиката на надреализмот, љубовта кон сликарството и интересот за светот и животот на инсектите и, воопшто, животните, различните цивилизации и култури“, велат тие.
Од „Антолог“ посочуваат дека дополнително, во делото може да се прочита личната перспектива на Урошевиќ за македонската книжевност од крајот на педесеттите години, а интересни се и неговите лични согледувања и мини портрети за некои од најзначајните македонски писатели кои биле негови современици, пријатели или соработници.
Книгата може да се чита и како панорама на книжевните опсесии на Урошевиќ и како портрет на еден човек кој својата егзистенција нераскинливо ја преплетувал со книжевноста и, воопшто, со уметноста.ж
Владимир Јанковски е роден 1977 година во Скопје. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Има објавено шест книги: „Скриени желби, немирни патувања“ (2020), „Невидливи љубови“ (2015), „Вечно сегашно време“ (2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, 2008) и „Огледало за загатката; разговори за Влада Урошевиќ“ (2003).
За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ на „Фондацијата Славко Јаневски“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“. Активно се занимава со книжевен превод. Објавил повеќе од 30 преводи на македонски јазик. За преводот на новелата „Пенелопеја“ од Маргарет Етвуд, во 2013 година ја добил наградата „Златно перо“ на Здружението на литературни преведувачи на Р. Македонија.
Влада Урошевиќ (1934, Скопје), поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач. Поминал значаен дел од животот како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, држејќи курсеви по историја на европските литератури од XIX и XX век.
Почнувајќи од „Еден друг град“ (1959), објавил единаесет збирки поезија. Помеѓу неговите прозни дела има седум збирки раскази, седум романи, три книги записи и патописи, повеќе книги во кои се собрани критиките и есеите во кои зборува, главно, за македонските писатели. Објавил две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството. Автор на поголем број антологии.
На македонски јазик ги препеал Ш. Бодлер, А. Рембо, Г. Аполинер, П. Елијар, А. Бретон, А. Мишо, Ж. Превер. За својот книжевен и преведувачки опус именуван е од Владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на тој Ред. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, италијански, полски, руски, словенечки, српски, француски, хрватски и шпански. Во 2023 година, по наградите „Роман на годината“ и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, прогласен е од Македонската асоцијација на издавачи за „Автор на годината“.