Во вторник (25 октомври) од 19 часот во Галеријата „КО-РА“ на Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје ќе биде отворена самостојната изложба на Стефан Димовски.
„Со сета повеќекратна симболика, која рибата како мотив ја има низ севкупната генеза запазено, оваплотен во неброени монументи, мозаици, од античкиот или ранохристијанскиот период сѐ до денес, во еден непрекинат континуитет, таа плени и вдахмовува, секогаш еден нов приод и интерпретација. Овој циклус посветен на рибата, како мотив кој побудува неисцрпна имагинација и разнообразна интерпретација, ја отсликува пак сета неисцрпна и непредвидлива фантазија на авторот“, пишува за изложбата историчарката на уметност, Виолета Калиќ.
Стефан Димовски е роден 1983 во Скопје, во уметничко семејство. Сериозно започнува да се занимава со акварел во 1995. Долгогодишниот престој во Франција му овозможува да воспостави контакти со познати акварелисти, и да ја усоврши акварелната техника до перфекција.
Негови дела се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и странство. Во неговите дела покрај чистиот акварел, присутна е и комбинирана техника (акварел, колаж, акрилик, сепиа, пастел).