Младите од Скопје со наполнети 18 години на 17 октомври ќе можат да влезат во своето гласачко место и да избираат градоначалник. Претходно, тие деновиве се „бомбардирани“ со видеа по Фејсбук, изборни соочувања на ТВ, или билборди со ликовите на кандидатите што ја трчаат локалната изборна трка, но не толку ажурно можат да дознаат што всушност би направиле кандидатите за нив. Какви проекти замислил идниот скопски градоначалник или градоначалничка за 2021-2025 година, барем засега на хартија, а се однесува на младинскиот живот во главниот град?
Оттука, направивме една мини анализа на програмите на кандидатите за Скопје, од оние шест што решија да ни пратат вакви документи, или оние што воопшто електронски ги поставија на своите сајтови.
Нови забавни или зелени паркови, фестивали, разни поволности, спортски сали, младински центри… Во програмите има се’ и сешто. Од елементарни услуги до најоптимистички ветувања за додворување на идните генерации, а ние ги издвоивме оние активности кои се директно наменети за младите. Исто и проекти каде се споменуваат млади луѓе преку образованието, културата, економијата, екологијата или социјалата.
Младински центар, Буџет за млади и субвенции за дигитални уреди
Досегашниот градоначалник Петре Шилегов, претставник на СДСМ и коалицијата, својата програма засега ја претстави на 9 страни, во форма на брошура. Шилегов во делот „целни проекти“ за младите најпрво најавува Младински центар.
„Според Законот за младинско учество и младински политики, Општината ќе отвори повеќенаменски простор за младите и младинските организации, каде ќе можат да ги реализираат своите едукативни и културни активности, да работат и да се дружат“, пишува во брошурата на Шилегов.
Потоа и Канцеларија за млади − заедно со младинскиот центар, повторно како обврска од истиот Закон. Канцеларијата според Шилегов ќе значи точка за информирање на младите на територијата на Град Скопје и координација со другите институции за политики, сервиси и услуги од областа на младите.
Во целните проекти е предвиден и Буџет за млади − одвојување на годишен буџет за Локалниот младински совет, наменет за активности за младите.
„Бесплатен превоз за студенти на втор циклус студии што спаѓаат во категорија млади до 29 години. Субвенционирање на купување дигитални уреди за млади до 29 години − жители на Град Скопје“, пишува во програма.
Шилегов ветува и дека конечно Скопје добива „нов и модерен Забавен парк, на местото на стариот Луна во Градскиот парк“.
„Децата во Скопје ќе можат повторно да се радуваат на возбудливи содржини што ја поттикнуваат детската фантазија и го подобруваат психомоторниот развој. Во новото партерно решение не е предвидено отстранување на ниту едно дрво, што беше императив при проектирањето. Во просторот се поставуваат 27 реквизити наменети за деца од различни возрасти, но и семејни. Сите реквизити ги исполнуваат европските стандарди и норми за квалитет и безбедност, а забавниот парк ќе има капацитет од 3.000 посетители дневно“, стои во документот, потенцирајќи дека во Градскиот парк се враќа и панорамското тркало, покрај редица други реквизитни содржини, како и ресторани, сувенир-шопови, тоалети, билетарници.
Од економски аспект, Шилегов најавува формирање на фондација „Развоен институт Скопје“, која, меѓу другото, би го подобрила квалитетот на живот и обезбедила подобро планирање и одржлив развој на Скопје. Основач на Фондација со Градот е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а просторот би го обезбедил токму УКИМ.
„Преку развој и тестирање на иновативни модели на работа, соработка, финансирање и инвестиции, треба да даде активен придонес во системската трансформација на начинот на функционирање на градот. Дополнително, преку активна и директна соработка со научната и академската заедница на ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје треба да обезбеди поволно опкружување за унапредување на животот во градот, развој на образованието, животната средина, економијата, културата“, стои во документот на Шилегов.
Училишта со фитнес центри, гимназија во Аеродром и Центар за претприемништво
Неговата противкандидатка, Данела Арсовска, независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДМПНЕ, се појави во предизборието со програма од 68 страни. Таа во економскиот дел најавува изработка на Стратегија за поддршка на иновации и претприемништвото на Град Скопјe, предвидувајќи формирање на локален иновациски фонд за млади претприемачи и локален научно-образовен центар.
„Новиот технолошко-иновациски ИНОПАРК ќе биде центар на овие процеси, но и зона на неограничени можности за напредок на претприемачите“, стои во програмата на Арсовска.
Досегашната раководителка на Сојузот на стопански комори најавува поддршка за т.н. НЕЕТ група на млади, односно млади кои не се вработени, не се во образование, ниту во обука. Целта на програмата, вели таа, е да овозможи подобрена интеграција на НЕЕТ групата преку зголемена соработка меѓу младинскиот сектор и различни институции на национално и локално ниво.
„Градот ќе работи на поттикнување за активно вклучување на НЕЕТ групата во активностите на градот преку форуми, едукација, работилници и активности за вклучување на пазарот на трудот“, стои во програмата.
Во својата „клучна област број 4“ за младите ветува модернизација на сите училишта според ЕУ стандарди и стипендии за ученици и студенти од социјално загрозени семејства. Во стратешките проекти е нова гимназија во општина Аеродром и нови објекти за СУГС „Браќа Миладиновци“ и СУГС „Лазар Танев“.
Исто така, нова градска библиотека, реконструкција на старата, мултифункционални игралишта во сите средни школи, нивна дигитализација и опремување на средните училишта со фитнес центри. Меѓу проектите вклучува Центар за младинско претприемништво. Би функционирал во склоп на МКЦ, преку соработка со невладиниот сектор.
„Освен градење на претприемачки капацитети кај младите, центарот ќе има цел и да го поттикне вмрежувањето на инвеститорите, младите претприемачи, како и заинтересираните иноватори“, се вели во програмата.
Како културна и забавна понуда, Арсовска најавува меѓународен фестивал на електронска музика поддржан од Град Скопје, но и „Фестивал градски парк“, што во превод би значело – проширување на популарниот настан со Филхармонијата во повеќедневен настан.
И таа ветува Луна парк „најдобар на Балканот“, со содржини за млади и возрасни. Плус и два нови забавни паркови во Гази Баба на потегот кон Чаир, како и во Аеродром. Парковите би функционирале преку соработка со општинските власти и преку јавно-приватно партнерство.
Ангажирање на младите, повеќе паркови и јавни простори
Плановите на кандидатите на најголемите партии на изборите ќе проба да им помати Ана Петровска, заедно со независната коалиција на граѓани „Зелен хуман град“ (ЗХГ). Оваа иницијатива, пред се’, е втемелена на одржливиот принцип „Град за сите“, каде Скопје е паметен и хуман град, а секој има рамноправен пристап до услугите. Сепак, имаат и повеќе активности каде директно се споменати младите.
Иницијативата најавува вклучување на младите во одлуки за развојот на Скопје. Соработка со младинските организации, за да се најдат решенија за нивните проблеми.
„Преку ангажирање и поттикнување на волонтерството кај младите ја подигаме нивната свест за животната средина и посредно влијаеме на свеста на нивните родители. Итно пристапуваме кон подобрувањето на условите за времено сместување на младите од други градови што учат во Скопје. Младите добиваат повеќе простори за учење и дружење. Иницираме ревитализирање на напуштени простори и објекти (индустриски зони и објекти, стоваришта, културни домови, месни заедници) и нивна пренамена за реализација на разни видови на младинско ангажирање и делување“, се вели во заедничката програма на ЗХГ и бившата државна еко-инспекторка.
Нивна програмска определба е „црвена линија“. Односно, онаму каде што капацитетите на градинките и училиштата не се доволни, онаму каде нема доволно јавен простор и нема можност за нови капацитети во пешачки радиус до домувањето, не смее да се дозволува нова станбена изградба.
„Планирање во служба на јавниот интерес и граѓаните, наместо инвеститорски урбанизам!“, стои во програмата.
Петровска и ЗХГ најавуваат паркови во секое маало. Нови линиски зелени зони долж Лепенец, Вардар, Серава, Треска и Маркова Река.
„Го сочувуваме т.н. ‘Свето тројство’ – Градскиот парк, Расадник и Парк-шумата Гази Баба, бидејќи ја формираат јадровата зелена зона во срцето на градот. Таму не смее да се гради, а неопходно е да се збогатат со функции за привлекување посетители и млади што се рекреираат и спортуваат“, пишува во програмата.
Во делот на еко и културен туризам, Градот во соработка со општините би прогласил Ден без автомобил, кога дел од улиците на месечно ниво ќе се затворат за автомобилски сообраќај, а отворат за пешачење, возење велосипед, рекреација, социјализација, детска игра, маалски живот, спорт и култура.
„Секое средно училиште мора да овозможи спортување. Најмногу недостигаат спортски терени во општините Бутел, Чаир, Гази Баба, Ѓорче Петров и Кисела Вода и со новиот ГУП ги предвидуваме на соодветни локации и во доволен број. Во состав на спортските терени садиме дрвја и овошки. Младата популација мора да стекне навика повеќе да спортува“, стои во програмата.
Во однос на грижата за младите, Петровска и ЗХГ се децидни: во средните училишта мора да се одржуваат хигиената, опремата за практична настава и опремата за спортските сали.
„Училиштата мора да бидат енергетски ефикасни и да се замени екстра лесното гориво со еколошки извор на енергија за да се обезбеди здрава животна средина на учениците и околното население. Ниту едно здраво дрво нема да смее да се исече за внесување комерцијални содржини. Во средните училишта отвораме урбани градини и мали компостари, а поставуваме и контејнери за селектирање на отпадот. Градот, во соработка со општините и МОН, мора да обезбеди доволен простор за учење во библиотеките за сите млади што немаат соодветни услови во домовите“, пишува во програмата.
Ревитализација на Купром, Младински куќи и грижа за социјално загрозените
Петар Георгиевски – Камиказа, менаџер, спортист и музичар познат по рок-бендот „Меморија“, сега е поддржан од Левица во градоначалничката трка. Тој во делот на еко-активизам најавува граѓански позорникарски и едукативни Еко-патроли составени од млади волонтери (екологисти, зелени активисти, извидници и сл.).
Од културен аспект, најавува отворена театарска сцена со можност за филмска проекција, наменета за развивање на младинската култура. Исто и поддршка на иницијативи што промовираат идеи за соработка меѓу деца, адолесценти и културниот сектор, но и модернизирање на Планетариумот.
„Ставање во функција на напуштената фабрика Купром, лоцирана во населба Хром и претворање на истата во место за алтернативна сцена каде младите ќе имаат можност да творат и креираат“, се дел од визиите на Камиказа за Скопје.
Во делот образование, по иницијатива на Градот, најавува преземање надлежности над сите студентски домови во Скопје и итна изработка на план за исполнување на Законот за студентски стандард.
„Отворање на центри за после-школски активности. Укинување на приватното менаџирање и концесии со јавните објекти на училиштата, освен во посебни услови кои ќе бидат одредени од Градот посебно за секој таков објект или просторија. Повлекување на концесиите за школските кујни и забрана за издавање на концесии на истите“, се вели во програмата.
Исто така, посочува дека би се трансформирале дел од вонучилишните активности во училишни, особено спортските активности, музички, јазични, драмски и литературни. Ова, би било по примерот на европски земји, како Чешка и Англија, со што ќе им се ослободи времето на учениците за да може да го поминуваат со семејството и во природата.
„Создавање услови и развивање на спортови што не се практикуваат во земјава, а се полезни за психо-моторниот развој на децата. 24/7 безбедносна служба за зачувување на јавните добра играчки, фонтани, лулашки и др. Отворање на нови градинки, воведување две работни смени и вработување дополнителен и квалификуван кадар“, ветува Камиказа.
Како младински политики, иницира соработка со Министерство за локална самоуправа, со цел изградба на т.н. Младински куќи кои би се основале под покровителство на сите општини низ територијата на Македонија. Тие би се финансирале преку младински активизам во соработка со локалците како симбиоза во културно-уметничка задруга.
„Средствата би оделе за поддршка на млади уметници и општо за афирмација на младински идеи. Младите би имале простор за проби, настапи, изложби, литературни промоции… кој би бил самоодржлив после кратко време од неговото формирање со ресурси на општините“, најавува Камиказа.
Во поглед пак на социјална и општествена грижа, најавува бесплатно спортско тренирање, танцување или часови по цртање на деца од социјално загрозени семејства. За нив би се обезбедувале и бесплатни училишни пакети, а децата од самохрани родители би оделе во градинка без надоместок.
„Отворање и на дневни центри за лицата со посебни потреби. Дневен центар со соодветна сензорна соба и дидактички материјали за децата со аутизам (додека не се реализира првата точка)“, стои меѓу другото во програмата на Камиказа.
Повеќе градинки, креативни катчиња и волонтерство кај младите
Адвокатот Александар Тортевски во борбата за градоначалнички мандат оди заедно со Твоја партија. Оваа партија посочува дека е со хоризонтална поставеност и се залага за непосредна демократија, па, оттука, програмата се пишува заедно со граѓаните и од тие причини таа континуирано претрпува промени.
„Не гледам никаква потреба во програмата да се набројуваат невозможни мисии на изградба на проекти кои, како и до сега останувале мртво слово на хартија“, вели Тортевски.
Тој преку документот како области ги зема справувањето со урбанистичкиот и сообраќаен хаос, загадениот воздух, комуналната (не)хигиена, каде се впишани разни мерки за генералната популација, додека конкретно за деца и млади повеќе се концентрира во делот социјална грижа, спорт, култура и волонтерство.
Предвидува повеќе градинки, инклузивност и субвенционирање на престојот на деца во градинка или школскиот оброк за социјално загрозени семејства и самохрани родители со низок доход. Најавува и поддршка за детските совети.
„Поддршка и на маалски натпревари (фудбал, баскет, одбојка, ракомет, атлетика). Спорт за секое дете (алтернативни и поинакви забавни игри и натпревари меѓу училишта и маала). Спортски центри, со особен осврт на современи спортови кои будат интерес кај младите“, пишува во документот.
Празните, запуштени и заборавени објекти и простори во сопственост на Град Скопје, вели тој, да се преуредат во места за младите, затоа што само еден Младински културен центар не може да ги задоволи потребите за младата популација.
„На Скопје му фалат места кои не се кафеани, а каде младите можат да ја изразат својата креативност и да ги реализираат своите идеи на различни начини и во различни медиуми. Некое од старите скопски мала кои се’ уште не ги прекриле висококатници би можело да се конзервира, рехабилитира и направи простор со галерии, книжарници, уметнички атељеа, занаетчиски дуќани, мали бистроа. Места за млада креативна енергија и туристичка точка“, потенцира Тортевски во програмата.
Во однос на волонтерството, смета дека тоа е недоволно развиено, па треба да се работи на негово популаризирање, особено кај помладите. Оттука, најавува вклучување на училиштата, спортските клубови, невработените, администрацијата, и пензионерите во волонтерски проекти.
„Ова е особено важно за младите луѓе кои своите волонтерски активности веќе ги запишуваат во своите ЦВ. Пример проекти би биле: купување намирници на пензионерите, кречење домови на пензионерите, чистење на општината, садење дрва во општината, волонтерско туторство по предмети на помалите генерации, волонтирање во работата на библиотеките, културни установи и музеи, помош на стационарите за бездомни кучиња“, се вели во програмата.
Едукација на млади, социјална заштита и безбедна мобилност
Музичарот Арбен Шаќири од составот „Нон-стоп“ на овие избори влегува како кандидат на ДОМ и ЛДП, на нивната коалиција „Одлучно за промени“.
Во заедничката програма на Коалицијата за Скопје се впишани разни проекти за генералната популација во однос на современ јавен транспорт, велосипедски патеки, против непланско сечење на дрвја и бетонизација, а младите се споменати во неколку наврати, како пример во делот „социјална заштита“.
„Организирање на едукативни настани и воспоставување на контролни механизми во работата на воспитниот кадар во основните училишта и градинките на територијата на општината со цел превенција и препознавање на психо-социјалните проблеми кај децата уште во најраната возраст. Социјалните проблеми во семејствата, за жал, често се одразуваат кај најмалите, кај нашите деца, а општината во чија надлежност се училиштата треба да има спремен и обучен кадар навремено да се справи со овие проблеми“, стои во програмата.
Понатаму, потенцирано е дека во градот ќе бидат отворени пунктови со јавно достапни фрижидери во кои граѓаните ќе можат да оставаат храна која ќе можат да ја користат социјално загрозените лица. На пунктовите ќе работат млади волонтери кои ќе грижат да се обезбеди оброк за секој граѓанин кој има потреба.
Шаќири и коалицијата сметаат дека е неопходно градот да развие шема за управување на мобилноста, подигајќи ја свеста за избор на безбедна и физички активна мобилност. Ова би се правело преку преку вклучување на инфраструктура за пешачење и возење на велосипед, ефикасен и достапен јавен транспорт особено фокусиран на ранливите групи, како што се децата и лицата со намалена мобилност.
„Центарот на градот треба да се растерети од автомобилскиот сообраќај и централното градско подрачје да се трансформира во простор за пешачење и велосипедизам. Општината/градот ќе обезбеди постројки на кои граѓаните ќе можат да изнајмат електрични велосипеди или тротинети со дневна, неделна или месечна карта“, пишува во документот.
Бојан Шашевски