Македонија нема долга историја на квалификации од областа на родовата рамноправност и затоа кадрите кои се специјализирани и обучени во оваа сфера им се потребни на институциите и на пазарот на труд, како и на општеството во целина.
Ова се дел од заклучоците на научната трибина организирана од Институтот за Родови Студии при Филозофскиот факултет кој денеска прослави пет години постоење, насловена „Трансформативна улога на родовите студии во македонското општество: состојби и предизвици“.
Доминика Стојановска од UN Women потсетува дека државата е потписник на документи како Стратегијата за родова еднаквост, Стратегијата за родовото буџетирање, Националниот акционен план за родова еднаквост 2013 -2016 и други, па затоа стручните кадри од оваа сфера се исклучително важни кога станува збор за имплементација на истите.
„Институтот за родови студии генерира кадри кои треба да влезат на пазарот на трудот и да дадат стручна перспектива потребна на институциите во делот на оној кадар кој ќе ја даде таа техничка и стручна поддршка во насока на имплементација на постоечките стратешки документи на земјата. Од друга страна е многу важен бидејќи создава млади луѓе и млади генерациии кои се доволно образовани во однос на родовата еднаквост и имаат теоретска основа за понатамошно усовршување, за да дадат еден критичен дискурс во земјата, посебно во академските кругови“, вели Стојановска.
Претседателка на Комисијата за еднакви можности во Собранието, Лилјана Поповска рече дека во земјата постои една „родова машинерија“ од луѓе кои работат на ова прашање, но не сите имаат доволно квалификации за да работат за родова еднаквост и затоа е потребно образованието кое го нудат родовите студии.
„Ние немаме долга историја на квалификации ниту пак пракса на оваа тема. Затоа кадри кои се специјализирани и обучени за родовата рамноправност се повеќе од потребни и сите оние кои ги поминале овие студии и треба допрва да ги поминуваат, се повеќе од потребни за македонските институции и за македонското општество во целост“, рече Поповска.
Без анализа на трибината не помина ниту усвојувањето на предлогот за отворање на нов Институт за семејни студии, истата година кога беше одлучено да се стави во мирување програмата на родовите студии. Од Институтот се надеваат дека оваа одлука донесена од Министерството за образование и наука, кое не постави квоти за уписи на нови студенти во оваа студентска година е привремена.
„Многу контроверзии се појавија во јавноста по повод незапишувањето студенти во оваа академска година. Се слушнаа разни приказни, дека институтот замира или се затвора, нашето присуство овде и нашите приказни потврдуваат дека институтот работи со полна пареа и ќе работиме со уште поголем ентузијазам, со надеж дека ова беше една моментална одлука. Ова јадро што го сочинува институтот длабоко верува дека идниот септември повторно ќе ги пречекаме идните бруцоши на Институтот за родови студии“, порача професорката Слободанка Марковска, Раководителка на Институтот за родови студии.
Професорката Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје вели дека најзагрижувачки е кога нема отворен став по прашањата, па треба да се погодува дали отварањето на семејните студии и ставањето во мирување на родовите студии во иста година се коинциденција или порака.
„Ако сите го мислиме тоа, дека двете нешта не се коинциденција веројатно не се, во крајна линија ако сите имаме чувство дека родовата еднаквост, феминизмот, женските права се веќе на некој начин цензурирана тема, тогаш некој тоа чувство и некако ни го предизвикал. Веројатно и преку вакви потези како ставање на мирување на одредени програми а воведување други програми, очигледна се праќа една идеолошка, односно патријархалистичка порака“, вели професорката Колозова и додава дека активизмот и овие студии се потребни затоа што за прв пат вистински се чуствува потребата од нив и нивната улога во општеството.
Радио МОФ летоска објави дека Наставничкиот совет на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го усвои предлогот да се формира Институт за семејни студии. Студентите изразија загриженост што ова се случува истата година кога беа ставени во мирување уписите на нови студенти на Институтот за родови студии.
Продеканот Никола Жежов тогаш изјави дека мирувањето на родовите студии засега важи за годинешниот уписен рок, бидејќи од министерството за образование и наука решиле оваа година да не дадат бројка за уписи на нови студенти.
Од Министерството за образование и наука пак, тврдат дека ваквата одлука се должи на усогласување на образовниот систем со пазарот на трудот во земјата и заради стимулација на техничките науки за сметка на општествените, што повторно не ја објаснува потребата од кадрите кои ќе завршат семејни студии, кои исто така се од областа на општествените науки.
Кристина Озимец