Младата уметница Тамара од неодамна започна да изработува дигитални илустрации според формата што ја гледа во својата шолја со кафе. Започнало како шега, во мигови кога се чувствувала досадно, но набрзо ова се претвори во интересен предизвик кој добива интерес на Твитер под хаштагот #КафеШкртки.
„Со мајка ми од време на време на зафрканција „си гледаме” на кафе, било тоа празна или полна шолја. Бараме фигури и си измислуваме приказни. Пред некое време се соочив со голем арт блок. Не можев ништо да цртам. Барав идеи на Пинтерест, разгледував уметнички профили на Инстаграм, ама никако не можев да создадам нешто што мене ми се допаѓа. Тогаш, во шолјата видов најобични окца и уста и чисто од љубопитност и досада сакав да пробам дали можам дигитално да го нацртам тоа што го гледам. Не беше којзнае што, ама ме расположи. Од тогаш, постојано кога пијам кафе, барам фигури кои можам да ги обработам во нешто интересно“, вели таа.
За ова, уметницата ја користи бесплатната апликација Autodesk SketchBook на својот телефон, а во иднина се надева дека ќе продолжи да ги изработува на соодветен таблет за цртање.
„Јас сум традиционален уметник, така што најмногу се занимавам со акрил, акварел и мастилни пенкала, но од секогаш ме влечела и дигиталната илустрација. Сега за сега, кафе шкртките ми се само за разонода и за играње со креативноста, заради други обврски. Ама, не се знае, во иднина може да се направи нешто повеќе. И многу ми е мило што добивам позитивен фидбек од луѓето за шкрткиве, што во неколку наврати и самите тие ми праќаа слики од нивните кафиња за да им нацртам нешто, што искрено, многу ми значи и ме радува“, вели Тамара.