Без доволно пешачки патеки и со узурпиран јавен простор во централното градско подрачје. Таква е сликата во Штип денес, урбаниот и административниот центар на истокот од земјава.
Тротоарите и патеките се во лоша состојба. Нивната изведба најчесто од суров бетон попуштила пред годините, повеќето се изградени со урбанизацијата од 80-тите. Само мал дел од пешачките површини во центарот на Штип се обновени. Кај нив пак се јавува нов проблем: кафитериите го узурпираат пешачкиот простор.
Иако за ангажирањето на просторот плаќаат одреден паушал на локалната самоуправа, летните бавчи се проширени зафаќајќи го целиот расположлив простор без да се остави минимален простор за пешачко движење. И архитектите и урбанистите посочуваат дека треба да бидат оставени најмалку 120 сантиметри широчина потребни за да се разминат две возрасни лица (без товар). Безбедноста на пешаците се занемарува, коментираат Штипјани.
Најзасегнати се родителите кои нема каде да поминат со количките на своите мали деца, па мора да се движат по коловозот. Пред една година се случи и сообраќајна незгода кога настрада млада девојка која не можеше да се движи по тротоарот на кој беа поставени маси од околните кафулиња. И тогаш никој не презема одговорност ниту пак се обиде да ја подобри положбата на пешаците. Дополнително се отежнува работата со ангажирањето паркинг простор за автомобили покрај кафулињата кои веќе го узурпирале простор кој неодамна го одбележаа самите служби и и најавија дека ќе почнат да го наплатуваат.
Локалната власт најави дека сака да го реши проблемот, а според нивните најави угостителите биле предупредени да се повлечат. Во меѓувреме граѓаните ќе продолжат да се сопнуваат од масите и столчињата на штипските тротоари, или пак да се движат по коловозот со надеж дека никој нема да биде повреден.
Еве што регистрираше екипата на Медиа-арт клубот „Актив“-Штип во центарот на градот.