Филмот „Кајмак” на македонскиот режисер Милчо Манчевски ја освои наградата за најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, САД, каде ја имаше и американската премиера.
Ова е втора награда за „Кајмак“ во изминатата недела, откако претходно доби специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) на фестивалот во Херцег Нови, Црна Гора.
Филмот се прикажа на 33. издание на фестивалот „Синеквест“ кој се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина.
Инаку, од продукцијата информираат дека „Кајмак“ во следниот период ќе се прикажува во Австралија, а месецов ќе биде прикажан на уште три фестивали, „i-Fest“ во Калабрија, Италија, „Балкан панорама“ во Измир, Турција, и „Avant&Una“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина.
„Кајмак“ светската премиера ја имаше на фестивалот во Токио, додека премиерно во земјава играше лани со кино проекции во неколку градови. Филмот досега ја доби и Специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија.