Како да се „преживее“ изолацијата – совети за младите од Д-р Властела Парталоска Даневски, специјализант по Детска и адолесцентна психијатрија

Д-р Властела Парталоска Даневски Специјализант по Детска и адолесцентна психијатрија

Тешкото остварување контакт со родителите, живеењето во дисфукционално семејство,  екстровертноста, но и потребата од примање психостабилизатори беа дел од проблематичните ситуации кои ни ги наведоа нашите читатели на анкетата на Радио МОФ за тоа со какви проблеми се соочуваат за време на изолацијата. Овие прашања ги адресиравме до Д-р Властела Парталоска Даневски, специјализант по Детска и адолесцентна психијатрија од ЈЗУ Клиника за психијатирија, која посочи повеќе совети и препораки директно насочени кон адолесцентите и тинејџерите во одговорите на нивните прашања.

Немам добар контакт со моите родители. Се караат неколку пати дневно, па дури и ноќе. Не можам да останам дома, многу ми е тешко. Како да се справам?

Во стресни случувања, како што моменталната ситуација на пандемија и изолација, малкумина се свесни и можат да ги проценат своите постапки, како реагираат на одредена ситуација и што да преземат за да го променат тоа однесување. Јасно е дека најважно за зачувување на нашето здравје е да „останеме дома“, но не можеме да кажеме дека изолацијата не влијае на секојдневните навики и човечката психа. И децата и родителите се затекнати од новонастанатата ситуација, секојдневието е поразлично од тоа на што тие биле навикнати до сега (училиште, работа, социјален живот, хоби…), па не се ни свесни колку често се расправаат, само затоа што не знаат како поинаку да реагираат. Но, секој човек е индивидуа за себе и очекувано е да се реагира различно. Некои родители може веднаш да создадат нова домашна рутина, некои може да се мачат балансирајќи ги работните и домашните обврски. Некои може да се повлечат, други чувствуваат тага,  лутина…Ако е тоа така и ова е нова ситуација во семејството, настаната поради панедемијата и изолацијата, можете да ги примените следните препораки.

Запишувајте ги сите ситуации (може и реченици кои ги изговориле вашите родители) кои ви предизвикуваат непријатни чувства и кога ќе сте подготвени презентирајте им ги на родителите.

Не ги обвинувајте. Тие може да почнат да се бранат и да не ве сослушаат, иако вие сте во право. Секогаш користете “Јас” во споделување на забелешките, на тоа како тие случувања направиле вие да се почувствувате. Помогнете им да стекнат  увид и да станат свесни за нивните реакции. Презентирајте им ги вашите забелешки, не ги напаѓајте родителите.

Доколу овие расправии биле присутни и пред пандемијата и карантинот, секако дека треба најпрво треба да се советувате на линиите за Психолошка поддршка за адолесценти 078 378 728, пред било што да превземете.

Важно е да напоменеме дека насилството во никоја форма не е прифатливо ниту дозволиво, претставува грубо кршење на човековите права и слободи!

Како да се справам со живеење во дисфункционално семејство и кавгите?

Ова прашање, како и претходното, се доста комплексни и сензитивни прашања. Дисфункционално семејство може да подразбере семејство во кое вербалните конфликти се многу чести, релациите помеѓу членовите на семејството се дистанцирани, нарушени, но тоа може да подразбере и занемарување, злоупотреба или насилство (психичко или физичко) на членовите во семејството (најчесто децата). Дисфункционалното семејство тешко се прилагодува на новонастанатите ситуации (особено во сега присутната состојба на изолација, дистанца), тешко се соочува со стресот без поголеми последици.  Недостасуваат основните елементи како разговор, споделување, разбирање и сочуствување.

Во тек на моето работење, воочувам дека родителите, особено на адолесценти тешко ја поднесуваат потребата за самостојност. Да се живее во дисфункционално семејство, не значи дека треба да ги исправате грешките на другите. Напротив, Ви овозможува на време ги увидите тешкотиите и предизвиците. Можете да работите на себе и да станете посилна, посамостојна личност. Но, никогаш немојте да престанете да се обидувате да бидете „подобра верзија на себеси“.

Ваквите случувања се многу комплицирани и за нивно решавање се оди со индивидуален пристап, односно секој случај би се разгледувал посебно.

Важно е советување на семејството. Целта е формирање на ставови за себе и другите, зголемена самодоверба, развивање на социјални вештини, подобрување на комуникацијата и разбирањето, надминување на потешкотиите согласно развојната фаза. Со родителите се работи на зајакнување на родителските компетенции, зголемување на флексибилноста и редефинирање на семејните правила.

Така што, повторно ќе кажам, адолесцентите може во било кое време од 9 до 16ч секој работен ден да се советуваат на линиите за Психолошка поддршка за адолесценти 078 378 728. Во случај на насилство може да се обратат на линијата СОС семејно  насилство 070/075/077- 141 -700.

Физички не можам да се натерам да учам, а ме знаат како топ студент и се чувствувам бескорисно? Што да направам?

Прекинувањето на наставата и останување дома, секако дека ве изместува од секојдневниот ритам за учење. Реакциите кои вообичаено се случуваат како одговор на непредвидливи, неочекувани ситуации како оваа во која сега се наоѓаме, се случуваат брзо, но треба да знаеме и дека исто така брзо се повлекуваат. Реакциите на новонастаната состојба може да се манифестираат со  физиолошки (немир, потење, зголемено срцебиење…), но и психолошки (нарушен сон, страв, загриженост, намалена концентрација и неможност за одржување на внимание, намалена способност за учење, планирање  и одлучување).

Како и кај генералните совети кои ги спомнав погоре, најважно во овој период за адолесценитите и младите да имаат организација, структура на денот. Многу е полесно да се „придржуваме до рутината“ кога сме вклучени во организиран и предвидлив систем (училиште, факултет), кога знаеме кој час или предавање не очекува наредниот ден, така и да се припремиме.

Но, обидете се да воспоставите нова рутина, најдобро што можете. Како на пример, кога ќе се разбудиме наутро знаеме дека цел ден е пред нас, имаме многу планови, но дали сите ги исполнуваме? Како и со сите обврски, така и учењето, полесно е доколку  се организираме и си направиме дневен/неделен распоред, на крај на ден проверете што е исполнето од испланираното.

Затоа е важно во исто време да се будите, во исто време појадувате, па потоа следува заедничка активност со семејството итн.

Откако ќе направите структура на денот, вметнете на почетокот краток временски период за учење, а потоа наградете се себе си за тој чекор, со нешто нематеријално, што вам ви е омилено. А потоа зголемувајте го времето посветено на учење секој следен пат, се додека не ја вратите навиката за учење и начинот, онака како што било нормално за вас, пред да настане пандемијата.

Пронајди време во денот кога тебе најмногу ти одговара. Сега не сме ограничени за учење после часови, вежби… присети се во кој дел од денот ти најдобро функционираш. Ако помниш подобро наутро-тогаш е твоето време.

Направи план, особено ако имаш материјал од претходно. Изброј колку предмети и лекции имаш. Направи распоред кој ден што ќе учиш.

Направи нешто за себе, нешто што те опушта и што те прави среќен/среќна. Имаме време да се посветиме и на работи за кои претходно секогаш „немавме време“!

Пијам психостабилизатори, но не забележувам дека повеќе дејствуваат, губам контрола и покрај тоа. Како да се справам со оваа ситуација?

Сите адолесценти и млади кои примаат психостабилизатори или било кој друга терапија, а забележале дека повеќе не ги чувствуваат бенефитите од лекот, веднаш да се јават кај својот лекар, лекарот кој го препишал тој лек и да се консултираат за истиот. Никако да не преземаат било каков чекор на своја рака! И секако за поддршка тука се веќе горе споменатите телефонски линии.

Како екстровертите да се справат со изолацијата?

Знаејќи за екстровертите дека социјалната конекција е многу важна, овој период за нив може да биде предизвикувачки и очекувано е да се чувствуваат анксиозни, заробени или осамени. Секако има совети како да го пребродите овој период и верувам дека адолесценти можат многу полесно да се снајдат во овие ситуации, со оглед на сè што им нуди денешната технологија.

*Video call

Денес е доста популарно да пиете кафе со вашите пријатели преку видео разговор и надвор од самоизолацијата. Така, еве еден предлог (кој верувам го знаевте) како да ја одржите вашата социјална конекција со вашите пријатели и сакани. И покрај тоа што не е исто како и во интеракцијата со луѓе, видео разговор и говорни повици се навистина корисни. Текстуалните пораки можат да изгледаат како убав начин да се задржите во контакт со пријателите и најблиските, но неможноста да се слушне некого или да се види нивното лице не е исто. Екстровертите можеби ќе започнат да ја прифаќаат идејата дека сè додека комуницираат, нема да биде толку лошо.

*Истражете ја креативноста

Креативните патишта можат да бидат навистина корисни за екстровертот се чувствува заробен во текот на целиот ден. Да се ​​има корисен начин да ги искажете тие внатрешни емоции и да се насочува вниманието кон нешто, е ите како битно за нив, но и за сите адолесценти. Без разлика дали тоа значи пишување, сликање, цртање или нешто навистина креативно, може да му помогне на екстровертот да чувствува чувство за поврзаност. Исто така, може да помогне ако тоа го споделат со своите најблиски, покажувајќи им како минуваат деновите, работејќи. И покрај тоа што не секој е природно уметнички надарен, сè уште има многу креативни активности што можат да му помогнат на екстровертот. Има нешто навистина посебно во тоа, особено ако можеме да го споделиме со луѓето на кои им веруваме и ги сакаме. Пробајте, имате сосема доволно време да се истражите!

*Уживајте во хоби

За некои видео игри може да биде неверојатен излез, за други може да биде одлично да се слуша аудио книга. За екстровертите, аудио книгата може да им помогне да се чувствуваат поврзани, па дури и повеќе навлезат во идејата за тој  друг свет со некои други луѓе. Со самото тоа што одвојувате време да се ставите во умот на овие ликови и нивните поинакви светови, може да му се помогне на екстровертот да се чувствува попврзан со приказната и да го задржи вниманието и мислите на нешто поразлично.

И јас би им оставила малку простор на имагинацијата на адолесцентите- екстроверти, да истражат што друго се може да ги заинтересира во овој период. 😊

Загрижена сум за моето здравје, за здравјето на најблиските, постојано мијам раце, се плашам да излезам надвор. Како да си помогнам?

Тоа чувство на загриженост, вознемиреност и страв во овој период е сосема нормалано чувство. Ние, а и целиот свет се бори против овој вирус, постојано не “бомбардираат” со информации од бројки на заболени, смртни случаи, возраст на тие случаи… и сето тоа допринесува да се потхрани тој страв за себе и своите најблиски. Но, дали го запомни бројот на излекувани случаи?

Прво што треба да направите е да ги ограничите приливот на информациите поврзани со корона вирус во текот на денот. При пребарување на интернет за истиот, проверете колку е релевантен сајтот на кој вие се информирате, затоа што голема е веројатноста да има некои неточни и застрашувачки информации, кои само може дополнително да ве вознемират.

Начин на кој можете да ја намалите вознемиреноста, стравот и осаменоста без разлика дали тоа е социјална дистанцираност, карантин или самоизолација, е одржувањето контакт со личности кои ги сакате и ви се од доверба. Редовно комуницирајте со вашите пријатели и семејства преку телефон или социјалните медиуми. Споделувајте им ги вашите чувства и мисли, разрешувајте ги проблемите кои ви се јавуваат и видете колку тоа може да ви помогне.

Организирајте го денот, нека има структура и нека биде предвидлив (на пр. Во одредено исто време се будите, појадувате, легнувате да спиете…).  Исполнете го со активности како на пример читање книги, гледање филмови, серии кои низ училишната година не сте имале време од премногу учење.

За да се опуштите, правете едноставни физички вежби, јога, медитација (некоја активност што вам ве опушта) и секојдневно повторувајте ги истите. Обидете се да воспоставите дневна рутина која ќе ви го исполнува денот и ќе го прави предвидлив (пр. одредено време на спиење, будење, појадување…).

И секако, за дополнителни прашања може да се јавите на линијата за Психолошка поддршка за адолесценти 078 378 728.

Постои стигма и страв од луѓето кои се сместуваат во државните карантини, но и од оние кои шетаат без маски надвор. Како да се намалат поделбите меѓу граѓаните, во време на страв од коронавирусот?

Јас до сега не сум била сведок дека постои стигма и поделба на луѓето, но и не гледам причина за истата да постои. Никој намерно не заминал од државата со цел да не зарази или да ни наштети и верувам сите да знаеја дека ќе се случи пандемија, би си дошле дома многу порано. Оваа состојба не затекна сите неподготвени. Не треба да се обвинуваме, делиме, стигамизираме. Целиот свет се бори заедно против коронавирусот, сите заедно ќе се бориме и ние! Научниците веќе тестираат вакцина, што значи блиску сме до целта, мислете позитивно и гледајте позитивно на иднината!

И за крај, вие младите почитувајте ги препораките дадени од Владата за заштита од коронавирусот! На вас останува светот! 😊

Кои се вашите генерални совети за адолесцентите?

Направете структура на денот! Што значи тоа? Имајте одреден ритам на функционирање во текот на денот. На пример, будете се во одредено исто време секој ден, појадувајте, па имајте заеднички друштвени активности со семејството или практикувајте некое ваше хоби (пишување, цртање, свирење иснтрумент..). Денот да биде предвидлив, да биде исполнет. И истото повторувајте го.

Практикувајте физички активности за трошење на вишокот енергија, во согласност со условите во домот.
Бидете креативни! Пишувајте иако не сте го правеле можеби тоа до сега, цртајте иако не сте баш Пикасо, слушајте нов вид на музика и истражете повеќе за неа, запишете се на онлајн курс, научете нешто ново.
Одредете ограничено време за примање на информации за коронавирусот, од проверени извори. Не го окупирајте денот со читање од непроверени странски сајтови за истиот, што можеби има веројатност да содржат неточни информации.

Учете! Не го запоставувајте образованието. Контактирајте со пријателите, драги и блиски личности, преку социјални мрежи, телефони. Социјална дистанца не значи некомуницирање.

Има едно добро видео на Јутјуб, вие адолесцентите секако сте на интернет и одлично познавате англиски јазик, па одвојте време и погледнете го. FACE COVID, од австралиски психијатар и психотерапевт.

F-  (Focus)

А – (Acknowledge)

C –  (Come back into your body)

E –  (Engage in what you are doing)

 

C–  (Committed action)

O-  (Opening up)

V–   (Values)

I-   (Identify resources)

D   (Disinfect and distance)

Колкава е бројката на адолесценти кои се јавуваат на тел за поддршка, кој бара помош и кои се најчестите прашања?

Според евиденција на координаторите на линиите за психолошка поддршка во прoсек има околу 30-тина јавувања, во рамки на достапните линии. Јавувањата најчесто се поради загриженост за сопственото здравје, како и здравјето на нивните најблиски, што е и очекувано со оглед на состојбата.

Ги охрабрувам сите адолесценти кои почувствувале некакви потешкотии за време на изолацијата,  да се обратат на линијата за поддршка на адолесценти, да не преземаат некои дејствија самоиницијативно, особено оние кои имаат препишана терапија, како што се вели во прашањата. Грижете се за своето психичко здравје, подеднакво колку што се грижите и за физичкото здравје!

Други линии за психолошка поддршка 

Возрасни лица во самоизолација 072 919 009

Родители на деца на предучилишна и училишна возраст 072 912 676

Родители на деца со пречки во развој 070 291 574

Граѓани на Дебар и Центар Жупа 070 241 807

Трудници и родилки на кои им е потребна психолошка поддршка 078 378 766

Лица со нарушување на слухот, говорот и гласот 072 919 009 преку апликацијата „Viber“

Психолошка поддршка за лица во самоизолација на албански јазик 070 291 657

 

 

Ивана Смилевска