Во социјалниот центар „Дуња“ вечерва од 19 часот ќе се одржи работилница со активистката Симона Гетова од иницијативата „Спас за Валандово“, на која ќе направи преглед на настаните околу досегашната борба на македонскиот југоисток против рудниците. Ќе се развие и дискусија за начините за поголемо вклучување на пошироката македонска јавност во оваа борба.
„Последиците од започнувањето со работа на рудниците за бакар, сребро и злато кои се планирани да ја покријат цела Источна Македонија (повеќе од 40% од цела држава) ќе ги почувствуваат сите граѓани на Република Македонија.
Во 2005-та година била доделена дозвола за проспекциски геолошки истражувања, за да во 2015-та бидат доделени 86 концесии за експлоатација на злато, сребро и бакар на територијата на цела источна Македонија во само еден ден. Најзасегнатите граѓани во чии дворови се планирани рудниците не се консултирани во ниту еден момент.
Првиот од овие рудници чија градба е во тек е рудникот Казандол, Валандовско, на само неколку стотици метри од првото село. Југоисточниот регион е инаку познат по прозводство на околу 30% од храната која се консумира во Македонија, и каде скоро секое домаќинство има примарен или барем дополнителен приход од земјоделие и/или сточарство“, се вели во најавата за настанот.
Граѓаните од југоисточниот дел на Македонија излегоа на повеќе протести против отворањето рудници, а минатата година против „Казандол“, „Иловица“ и евентуално отварање други рудници, жителите на засегнатите општини се изјаснуваа и на референдуми. Гевгелија, Богданци и Дојран одржаа успешни референдуми, додека изјаснувањето во Валандово, Босилово и Ново Село пропадна поради тоа што на гласањето не излегоа повеќе од половина од запишаните гласачи во избирачкиот список.