Студентите и понатаму се водат во тајните води на корумпираноста која владее со образовните сектори. На прашањето дали навистина функционирањето на државните факултети и нивните органи работат во согласност со владините регулативи, одговорите се далеку разновидни.
Од многубројни анкети и истражувања, одамна е констатирано дека на нашите простори навистина беснее корумпираното торнадо. Торнадо кое никој не се обидува да го запре, ниту пак се чувствува доволно моќен или пак во позиција да се одбрани и да го пријави проблемот кај надлежните. Студентите велат дека митото е работа која претставува јавна тајна во универзитетските простории. Од разговори на кафе до јавни изјави за потплатувањата за пополнет индекс, се’ уште никој не реагира.
Моралот на универзитетските професори почна да тоне длабоко кога митото стана вообичаен процес низ кој филтрираа сите желни за оценка или пак потпис. Како на секоја жива материја што се развива кога ќе и се даде потребниот простор, така и корумпираноста наоѓа нови начини на протекување. Студенти главно говорат околу купувањето на авторските книги на професорите кои се предуслов за поминување испит, понатаму ги имате отворените жиро сметки па дури и класичното мито на поткуп за одредена услуга.
Фактот дека самата институција е свесна за својот проблем и се’ уште не се лекува, резултира со лош квалитет во едукацијата, демотивација кон оние што учат, и секако кон губење на додатни финансии, кои денес и ретко кој може да си ги дозволи. Решението лежи во волјата на администрацијата да покрене иницијатива за контрола, третман и целосно санкционирање на коруптивните ситуации. Во спротивно студентите по се’, ќе создаваат навика на купување на своите оценки, како и на купување на сопствената диплома. Тие се оние кои се оштетени и ќе бидат и понатаму во својот професионален живот каде што ќе влезат без потребните знаења.
Корумпираноста сама по себе станува оправдување за понатамошната лична практика на истата поради фактот дека баш образовните институции се оние кои што не’ оформуваат и ни даваат институционална основа, и токму од таму треба да се почне со сузбивање на било каков вид мито. Ако образованието е корумпирано, и се останато ќе биде.
Верувам се согласувате, прашањето „ како до најевтина студентска приказна ?“ само по себе, претставува една тешко-иронизирана фраза, чија теоретска и практична основа никогаш нема да се поклопат во ранливиот корпус на државната едукација.
Марко Аврамовски