Што и до каде треба да прават граѓаните како обврска и иницијатива, а колку е одговорна и на кој начин придонесува локалната самоуправа, се дел од прашањата што вчера беа отворени на јавната трибина „Прашањето на граѓански придонес во развојот на општините“, одржана во Кинотека на Македонија.
Организирана од „Културно ехо“, трибината се фокусираше на потребата од воспоставување соработка помеѓу граѓански организации и општински власти, со цел подобрување на конкретни сегменти во стандардот на живеење на граѓаните.
Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош, тврди дека оваа општина поддржува граѓанско учество и има интензивна комуникација со сите граѓани што имаат интерес да се обратат до нив. Тој ги спомена иницијативата за спас и ревитализација на салата „Партизан“, развојот на мобилната апликација „мЗаедница“, мобилните тимови кои ги организирале со Сојузот на извидници и Црвениот крст, како дел од иницијативите што се реализирале на локално ниво.
Богоев смета дека еден од проблемите е поделеноста на надлежностите. Според градоначалникот, ова создава конфузија кај граѓаните и не знаат каде да пријават различен проблем. Но, тврди тој, и тоа полека се менува при постојана комуникација, а граѓаните сфаќаат што треба да направат, вклучително и пријави до инспекторат.
„Може да се покрене и иницијатива за поставување на кабаст отпад и сл. Таква акција дојде по барање на повеќе граѓани, во повеќе населби, каде за викенд се повторува истата слика – двоседи и троседи во околината на најблискиот контејнер. Тоа е проблем и за службите и е грда слика за општината и градот“, потенцираше Богоев.
Спомена дека имало акција против девијатно однесување – брутално уништување на урбана опрема, особено на детски игралишта. Богоев вели дека тоа се случува особено во вечерните часови во пролет и лето, па произлегла иницијатива со МВР и Секторот за претставници на училишен одбор од родители и наставници.
„Со т.н ‘ноќни посети’се посетуваа критичните места каде имаше нарушување на јавен ред и мир или уништување на урбана опрема. Верувам дека каде што се делуваше даде некаков ефект, но е прашање што треба да се најде решение во иднина“, вели Богоев.
Во однос на некакви кампањи за превенција од вандализам, тој тврди дека МВР тоа си го работи тековно, но мора да се вклучат и општините, Градот Скопје и граѓаните.
„Нормално е општините да одвојуват пари за пари за уништување, но во последните години драстично се зголемени средствата за санација. Карпош повеќе троши на санација на урбана опрема, отколку за изградба на нова опрема“, потенцира Богоев.
Во однос на ѓубриштето, смета дека нема доволен ефект од поставување знаци, бидејќи се појавуваат диви депонии веднаш зад натпис со „Не фрлај отпад“. За Богоев е логично да има кампањи и едукација од најмали нозе, а за повозрасните граѓани – санкции, иако тоа се непопуларни мерки. Апелира граѓаните почесто да пријавуваат.
„Паралелно, Општината вложува и во граѓанското учество преку ресетирањето на локалниот младински совет. Оваа недела, ќе го објавиме и јавниот повик за избор на членови на Локалниот младински совет. Целта е да добиеме тело кое ќе креира проекти и активности за млади на локално ниво и ги повикувам сите младински организации, ученици, средношколци, студенти, политички подмладоци, млади до 29 години да се пријават“, рече Богоев.
Богоев како позитивен пример го истакна формирањето на Партиципативно тело во областа на урбанистичкото планирање, каде, вели тој, преку измени во Законот за урбанистичко планирање, се овозможува уште поголемо учество на граѓаните, стручната фела – архитектите и организациите во процесот на носење на ДУП-ови.
Актерката и активистка Ирена Ристиќ зборуваше за активностите на иницијативата „Не биди ѓубре“. Раскажа дека започнале пред три години со чистење на Клиничкиот центар. Целта била некој да се освести и да почне да си ја врши работата, а денес – се уште се на терен.
„Веќе со сериозна опрема, имаме и моторни пили, преку 20 гребла, лопати, свои луѓе што работат на повик, имаме камиони, багери што ни излегуваат во пресрет, затоа што багерот е огромна ставка за една неформална организаиција. И, ете, тоа е нешто индикативно во целата оваа ситуација. Ова се’ убаво звучи што го кажува Стефан, меѓутоа во реалноста тоа не е така“, рече Ристиќ.
Смета дека има ресурси во општините, но одат во погрешни раце и на погрешна страна. Ако тие како „Не биди ѓубре“ можат да се организираат, вели таа, тогаш било која општина на која и е тоа работа треба секојдневно да го прави истото, без рекламирање.
„Колега од партијата (на Богоев) објавува албум во кој се прскаат улиците, што за мене е надвор од умот. Тоа е како ние секој ден да се фалиме дека сме измиле заби. Самото тоа што се множат граѓански иницијативи, формални и неформални, исто така е многу индикативно. Што ќе биде да не сме ние граѓаните, будни секој ден, како пазачи?!“, вели таа, прашувајќи која е функцијата на општините и градоначалниците.
Спомена дека кај „А1 Арена“ сега тревиштата се израснати како прашума, а на средината седи огромно ѓубре. „Истовремено, таму се вршеше масовната имуницација, а членовите на владејачката партија беа испаркирани низ тревниците. Дали знаете како тоа одекна кај нас граѓаните?“, праша таа.
Во однос на тоа дали се обиделе за воспостават комуникација со локална самоуправа, таа возврати со ново прашање – „Зошто би?“. Смета дека е погубно што во овие три години луѓето повеќе почнале да ја идентификуваат по ѓубре отколку со главни улоги и филмови. Тоа, смета Ристиќ, многу зборува за локалната управа.
Објасни дека главно се 20 волонтери во „Не биди ѓубре“, а Фејсбук групата ја сочинуваат околу 8.000 граѓани. Дел се таму да видат како се развива целата ситуација, други нешто ќе донираат, а некои и нејзиниот приватен профил го користат за поплаки. Сепак, нагласува дека не можат се’ и секаде да постигнат.
„Интересна работа, кога сме се координирале со општините, доаѓа општината да ни помогне нам да исчистиме. И, нашиот алат е во многу подобра состојба, па позајмуваат од алатот. Па, во неколку наврати ми се случило некој да пратам да оди да докупи вреќи, бидејќи општината доаѓа да помогне, а не доаѓа подготвена. ‘Не биди ѓубре’ кај мене во центар ги спонзорира метлачите со ракавици и некои ситни работи, затоа што ми е жал, гледам дека одвреме-навреме со голи раце ставаат во корпите за ѓубре, што е огромен ризик. Тоа се детали што зборуваат“, посочи Ристиќ.
Според неа, треба да се воведува еколошко образование од најмали нозе, од градинка, а не само еднодневни кампањи од типот на Денот на планетата земја. Исто така, да се подобри управувањето на општините, да се воведе Закон за комунална полиција, а казните да се зголемат.
„Луѓето кои се казнувани, бидејќи фрлиле ѓубре, ми раскажуваат дека кога ги однеле во ‘Комунална’ им рекле ‘ајде, ќе те сликаме и оди си“. Каков е тој однос?! Според мене, таков човек треба и да плати казна, и да има општокорисна работа. Кај нас ситуацијата е алармантна. Како што можеше да се смени Уставот, можат да се сменат и законите за казни за комунални прекршоци. Апсолутно тие казни треба да бидат многу високи, а тоа ќе се расчуе за година дена. Не може со разговор и емпатија“, смета таа.
Ана Георгиева, претставник на иницијативата „НаTочак“, потсети дека неодамна се одржа 86-та Критична маса, со цел промовирање на велосипедот како начин на урбано превозно средство. Велосипедистите и активистите, вели таа, посочуваат проблеми со кои се соочуваат секој ден, инфраструктурата и условите за возење точак.
„Не е потребно одобрени од институциите за да одржиме Критична маса, бидејќи тоа е еден вид протест, прослава на точакот, изразување на правото на возење велосипед на улица, а не негово претставување како некоја привилегија. Никогаш не се блокира целосно сообраќајот, туку најчесто возиме во најдесната лесна. Со тоа, само сакаме да кажеме дека и ние сме дел од целиот сообраќај“, рече Георгиева.
Скоро за сите нивни цели и барање им е потреба соработка со надлежните, вели таа, бидејќи она што бараат треба да се случи на улиците во градот. Последно, реагирале за регулациски план за улицата во Карпош, „Ангел Динев“. Планот многу го стеснувал профилот на улицата и го намалувал нејзиниот потенцијал во иднина да ги опфати сите видови пешачки, велосипедски и автомобилски сообраќај.
„Ги контактиравме Општина Карпош, потоа имавме и средба со Град Скопје. Немавме некој позитивен исход, остана само на ветување дека во новиот ДУП ќе се направи некое квалитетно решение, кое чекаме да го видиме“, посочи таа.
Во Скопје, вели Георгиева, ако може да се кажаме дека се покриени главни сообраќаници, недостасуваат велосипедски патеки или било какво регулирано велосипедско движење по попречните коридори.
„Тоа едноставно се решава со воведување на ленти или патеки по улиците и нивно регулирање. Односно, да се казнува паркирањето на коли, да се спречи. Превентивата е најдобра опција, да не се дозволи паркирање и со тек на време би требало да се навикнат сите во градот дека постојат тука патеки“, вели вело-активистката.
НаТочак постојано во сите дописи до општините бара ослободување на тротоари и нивна реконструкција. Вообичаено, посочува Георгиева, кога се прави реконструкција се мисли само на коловозот и се праќа порака дека ова е град за коли, а не град за луѓе.
„НаТочак се залага улиците да се ослободат од коли и да се направат пристапни за сите луѓе – во инвалидска количка, што туркаат бебе во количка, на велосипеди, ролерки… Тоа може да се направи со слеани рабници, но и со подигнати пешачки премини, односно колите да се качуваат и симнуваат, а не пешаците. Нашите очекување (во однос на локалната самоуправа) се сето она што го бараме да го видиме на улиците. Не само како кампањи, не само ‘да, ве слушнавме’, туку и ‘ве послушавме’“, рече таа.
НаТочак сакаат да имаат увид во тоа што се случува при целиот процесот, за да дадат и некои коментари и забелешки пред да се достави финално решение. Според вело-активистката, дизајнот на улица да зборува за насоката на градот во која сака да се движи.
„Доколку ги правиме улиците за брзо движење, со широки коловозни ленти, тоа ќе се одразува на таков начин. Исто така, треба дестимулизација на автомобили за да се свртат кон друг начин на превоз. Субвенции за точаци е добар пример, но мора да имаме каде да ги возиме точаците. Исто така, мора да се воведуваат т.н. ‘Зони 30“, потенцираше Георгиева на јавната расправа.
Настанот „Културно ехо“ го организираше со помош на иницијативата „Поддршка на изборни реформи“, резултат на соработката помеѓу Швајцарска агенција за соработка и развој (SDC), Меѓународна фондација за изборни системи (IFES) и Национален Младински Совет на Македонија (NYCM).
Бојан Шашевски