Дваесеттина еколошки здруженија и иницијативи од Македонија денеска се собраа да упатат апел и барање до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпишува указот за прогласување на Законот за урбанистичко планирање, чии измени завчера експресно по скратена постапка беа изгласани во Собранието.
Иницијаторот на измените, министерот за транспорт Александар Николовски, тврдеше дека измените се во корист на општините со цел да се поедностави процедурата за изградба на училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи кои се финансирани од државниот буџет или буџетите на општините. Исто така, посочи дека дека ќе се „одглават“ и 600-тини ДУП-ови кои со години биле „заглавени“ во процедури.
Од друга страна, за еко-активистите ваквото „одблокирање“ ќе направи урбанистички хаос.
„Тие 600-ини ДУП-ови, чиј рок е изминат, сега ги враќаме во живот, ќе одат проектирани по стариот закон. А, за тие немаме реална состојба, попис, многу елементи што се изменети низ годините, а кои мораат да се вклучат во самите урбанистички планови. Вака, нема да се вклучат. Втора забелешка е во однос на (бришењето на) потврдата за урбанистичка усогласеност. Таа не е случајно ставена. Една дупла контрола за тоа дали е урбанистички усогласен одреден ДУП“, нагласи денеска Татјана Стојановска од „02 Иницијатива“.
Третата забелешка, посочи таа, е тоа што со законот се дозволува изградба на катни гаражи без донесен ДУП, само со урбанистички проект, без јавна анкета, без да се слушне гласот на граѓаните, без да помине на Совет, без никаква анализа.
„Ова не важи ова само за катните гаражи. За повеќе објекти се форсира, дека тоа се однесува за сите јавни објекти. Но, пак ќе кажам, како планирате да правите болница каде не го знаете вкупниот број на жители, бидејќи таму немате внесено статистички податоци од пописот на урбанистичкиот план кој ќе биде на сила? Исто така, забелешка е тоа што министерот си ги повлекува ингеренциите за во рок од пет денови не го потпише, односно огласи за ништовен невалиден урбанистички план. Министерот рече ‘јас ќе реагирам преку МВР’. Зошто да реагира преку МВР, ако моментално има алатка во рок од пет денови да потпише забрана за изведување на ДУП?!“, праша Стојановска.
Еко-активистите имаат повеќе забелешки, но било кратко времето целосно да се разгледаат и увидат сте можни последици од Законот за урбанистичко планирање.
„Има и позитивни, не велиме дека се’ е негативно. Но, брзината на носење е страшна. Немаме начин да ги покажеме последиците. И, не ги знаеме последиците ако министерот не се консултира со стручната фела, со граѓанските искуства на здруженијата во реализација на ДУП-овите. Без анализа, не верувам дека знае што ќе реши и како ќе реши. Сега е топката префрлена на претседателката. Сега е важно претседателката да реагира на вистински начин (и да не го потпише указот и да го врати законот на редовна процедура, заедно со јавна расправа н.з.)“, нагласи Стојановска од „О2 Иницијативa“, организација што на неколку наврати реагираше за законските измени.
View this post on Instagram
За тоа дека е важно граѓаните и јавноста да бидат вклучени во процесите, на прес-конфернецијата во паркот Жена-борец зборуваше и Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“. Особено што, рече таа, станува збор за заштита на животната средина.
„Алармираме и апелираме дека учеството на јавност, на граѓаните, научната фела, синдикатите, бизнис-заедницата, сите засегнати страни, во процесите на донесување одлуки за сите закони во оваа држава, е од клучно значење. Ако навистна сакаме да демонстрираме демократски практики, транспарентност, отчетност, тогаш мора власта да знае дека граѓаните, јавноста, експертите се тука за да учествуваат заедно со нив во креирањето на законите. Ние не бараме да бидеме постојано критизери на процесите. Ние сакаме да бидеме ко-креатори на процесите. Мислам дека тоа е главната поента на демократското општество“, посочи Чоловиќ Лешоска, дополнувајќи дека Македонија ја има ратификувано Архуската конвенција, која со децении го гарантира граѓанското учество во одлуки за животната средина.
Според Јане Димески од Шанса за Центар, нашите општини денеска изгледаат пренатрупани, без јавен превоз, со топлотни острови, без јавно зеленило, без тротоари, без места што даваат минимален квалитет на живот.
Тоа, вели тој, е последица на серија на вакви одлуки, на урбанистички планови и правилници носени и менувани на нетранспарентен начин.
„Последиците се резултат на такви политики и покрај тоа што со години се укажува дека овие работи мора да се прават во консултација со стручните лица, и за работи што се случуваат во центарот и го надминуваат Генералниот урбанистички план, а со тоа се противзаконски. Значи, резултатот од ваквото постапување веќе го знаеме. Ние очекувавме нешто повеќе и подобро, особено на почетокот на мандатот на една власт, дека ќе прикаже еден поинаков манир на владеење и управување. Бидејќи, ако ги повторуваме истите грешки од минатото, не можеме да очекуваме поразлични резултати. Ајде, време е конечно нешто да се промени“, апелираше Димески.
На прес-конференцијата се обрати и Дарко Арсовски од „Гоу Грин“, организација која меѓу другото работи со младите. Тоа што младите најчесто кажуваат дека им пречи, вели тој, е просторот во кој живеат. Односно, тоа што „се’ е хаос, нема како да стигнат до своите училишта, нема како и каде да си играат“.
„Со ова решение, не се прави решение на хаосот. Ако во моментот целиот урбанистички простор е еден голем чвор, не треба да се додава уште едно чворче кое би направило уште поголем проблем“, посочи тој.
Затоа, нагласува Арсовски, како што на децата во школо им даваат испити, така сега даваат испит на претседателката Сиљановска-Давкова.
„Ова е нејзиниот прв испит, да не го потпишува овој указ. Да не дозволи хаосот да стане уште похаотичен. Се надеваме дека Законот ќе се врати назад во собраниска постапка, да има начин да се вклучиме и ние, урбанистите, планерите, експертите, да направиме еден добар план, кој наместо да направи полошо – ќе направи подобро за сите, посебно на младите. Како мајка на целата нација, бараме да не го потпише овој указ“, посочи Арсовски.
Радио МОФ уште вчера испрати прашања до официјалниот мејл на институцијата Претседател, но се’ уште немаме одговор за одлуката на Сиљановска-Давкова за Законот.
Бојан Шашевски