Како најинтересно да го „преживеете“ периодот на изолација поради новиот коронавирус

Играње „Фортнајт“, секојдневно медитирање, учење калиграфија и следење на онлајн курсеви се само дел од активностите кои ги добивме како одговор на нашата „Инстаграм“ анкета за тоа како читателите го поминуваат своето време во текот на изолацијата.

Од вчера во С. Македонија е воведена изолација поради појавата на коронавирусот. Па така, се испразнија сите образовни институции и канцеларии, а сите планирани настани се одложија за неодредено време.

 

Дел од професорите и образовните институции решија своите предавања да ги одржуваат „онлајн“, но сепак, слободното време се чини дека е бесконечно.

Читателите на Радио МОФ, решија да ги споделат своите активности и со тоа да им дадат идеи на преостанатите како да го пополнат слободното време. Одговорите вклучуваа поминување на квалитетно време со најблиското семејство, посветување на себеси, маратонско гледање на омилените серии и темелно чистење на собата.

Читањето на стручна литература и романи за кои секојдневието било прекратко, е еден од честите одговори.  Некои пак, слободното време ќе го искористат за да станат врвни готвачи, експериментирајќи со тешките рецепти. Поставување на аквариум, работа на сопствен „стартап“ и многу филмови е комбинацијата со која дел од читателите ќе се обидат да ја згаснат коронадосадата.

 

На социјалните мрежи, денеска започна иницијативата со хаштагот #СедиСиДома, #QëndroNëShtëpi, на кој граѓаните ќе може да споделуваат активности со кои ги пополнуваат деновите од изолацијата.

Дел од македонските илустратори, споделија илустрации кои преку креативен начин ги потсетуваат граѓаните на основните правила со кои може да се заштитат од коронавирусот.

 

Илустрација на Теано Кардула

 

Илустација на „Ин Дог“

 

Илустрација на „Твитер“ корисникот @TapaMuabet

Ивана Смилевска