Кога музиката го искажува духот на слободата, може да ја премине секоја граница. Во 1961 година, комунистичката Источна Германија изгради ѕид сред Берлин, обидувајќи се да се заштити од Западот. Но, ново истражување покажува дека бетонот, бодликавата жица и огромните напори на тајната полиција, Штази, не успеале да го замолчат заводливиот ритам на рокенролот и панкот.
Порастот на Битлманијата во 1960-тите имаше лош одговор од Валтер Улбрихт, лидерот на Германската Демократска Република.
„Дали навистина мора да го копираме сето ѓубре кое доаѓа од Западот? Со сета монотонија на нивното „Yeah, yeah, yeah““, промрморе на еден од неговите говори пред приврзаниците на Комунистичката Партија.
Имаше 70 години и на некој начин, неговите коментари не беа многу поразлични од оние на многу западни политичари, вели Дагмар Ховештат од BStU, организацијата која ги истражува архивите на источногерманската тајна полиција, Штази.
„Постарата генерација, воената генерација, беше вознемирена од тоа што младината правеше“, вели таа.
Но, за лидерите на Источна Германија, влогот бил многу поголем. Тие се плашеле дека љубовта кон западната музика може да доведе до љубов кон западна политика. Затоа, очајно се обидувале да развијат „сопствена верзија на кул младешка култура“.
Имало танцови измислени од државата, како Липси, измислен за да го спречи „рокенрол танцувањето“. Имало и смешен и многу игнориран систем на квоти за тоа колку западна музика смее да се слуша на забавите. Но, „не можеш да организираш младешка култура“, вели Ховештат. „Не оди тоа така“.
Затоа, многу млади од Источна Германија останале залепени за радијата, обидувајќи се да ги „фатат“ најновите песни пуштени во етер од западните радија. Штази правеле сè што можат да ги спречат.
Ако има една приказна која ја симболизира паранојата кон музиката на ГДР, и трагедијата да се биде млад фан на рокенролот таму, е приказната за концертот на Ролинг Стоунс кој никогаш не се случил.
Сè започнало во 1969 година, со коментар на диџејот на радио станицата РИАС, сместена во Западен Берлин, но многу слушана и на другата страна на ѕидот. „Замислете“, рекол, „ако новата издавачка куќа формирана од претприемачот Алекс Спрингер на Запад, веднаш до ѕидот, договори концерт на Стоунси на својот покрив, за да можат да слушаат и луѓето од источната страна“.
Во Источна Германија, помислата на диџејот од запад станала гласина за кратко, а потоа и факт на кој сите верувале. Илјадници млади Источногерманци биле убедени дека Ролинг Стоунс ќе свират на покривот. Што е поважно, тоа се случувало на истиот ден кога нивните лидери планирале прослава во Источен Берлин, за одбележување на 20-тата годишнина од основањето на ГДП.
Се случила паника кај Штази. Го мразеле Спрингер – го гледале како капиталистичко чудовиште кое има за цел да ги оттргне младите од комунистичката вера. Нивните податоци од тоа време се полни со фотографии од слогани испишани со креда на патиштата во Источна Германија, кои ги повикуваат фановите на Стоунси да дојдат во Берлин. Извештаи покажуваат дека Штази ги следеле и уапсиле луѓето кои ги испишале слоганите.
Но, стотици луѓе сепак дошле во Берлин тој ден. Се сретнав со Екарт Ман, кој тогаш имал 16 години, на истото место спроти местото каде го чекал концертот во 1969 година. Ја слушнал гласината и помислил, „Стоунси, ќе свират овде!“.
Всушност, Стоунси никогаш не се појавиле, но затоа дошле властите на ГДР. Како што толпата се движела низ Брандербуршката порта, стигнала полицијата, а Ман бил претепан и уапсен.
Бил осуден за „учество во анти-социјалистички елемент“. Во неговите податоци открив дека водачот на Штази, Ерих Миелке лично се заинтересирал за неговиот случај. Ман добил две години во затвор, а потоа бил избркан на Запад и отуѓен од семејството.
„Како беше во затворот?“, прашувам. Се протресе. „Не беше добро, но што можев да направам?“, вели тој. И така, еден тинејџер плати голема казна за својата љубов кон музиката.
Овој вид на брутални казни имале за цел да ја одвратат германската младина од танцување на западни „империјалистички“ песни.
Но, гладот за западната музика само растел – досегнувајќи места далеку од големите градови.
Друг тинејџер, Александар Куене, очајно сакал да донесе повеќе музика во својот живот во мало село, на неколку часа возење од Берлин. Како да ги добие најновите западногермански плочи? Бидејќи пензионерите, на кои не се гледало како на важни луѓе за државата, смееле да одат на западната страна, на својата баба и давал списоци со нешта кои треба да му ги купи. Тоа не поминало добро. Погрешно прочитала The Clash и се вратила со плоча од Џони Кеш. Уште му е жал за тој „огромен кошмар“.
Затоа, решил да го претвори селото во огромен простор за концерти.
Се наоѓа близу до железничка станица каде се поврзуваат повеќе пруги, па ги убедил сите музички фанови и бендови да се соберат зад селскиот паб.
„Овде ги правевме најголемите забави во цела Источна Германија“, вели, покажувајќи ми го просторот наоколу. Фармерите во барот останале шокирани кога стотици обожаватели на new wave и глам рок музика поминале крај нив.
Бидејќи селото било многу отсечено, Штази биле бавни и никогаш не успевале да упаднат на ваквите собири. Освен во една прилика, кога Александар бил уапсен, одведен во полициска станица и предупреден дека Штази ќе дојдат по него наредниот ден. „Бев преплашен“, вели.
На негова среќа, мајка му порано му предавала на училиште на локалниот полицаец. Му рекла да го пушти нејзиниот син, а потоа се справила и со Штази кога пристигнале. Никогаш не му кажала на својот син што навистина се случило. „Таа е мојот херој“, вели сега, со почит.
Се сеќавам кога го посетив Источен Берлин на почетокот на 1980-тите, гледајќи неколку панкери на улиците, и мислејќи дека се многу храбри што носат искината облека, безопасни игли и фризура со боцки, додека режимот сака да парадираат во социјалистичка младинска униформа.
Но, како би можела тајната полиција да разбере нешто како панкот? Архивите содржат снимки од состаноци на Штази, каде шефот на организацијата Ерих Миелке се обидува да сфати што се тие зачудувачки концепти како панкери и фанови на хеви метал.
Успеав да го најдам Јирген Брески, тогашен офицер на Штази, кој добил наредба да ја следи и инфилтрира панк сцената. Се согласи да се сретне во дискретен агол, во ресторан во градскиот центар, и да ми каже што неговите шефови барале од него да прави.
„Сакаа да им воведам некаков вид на социјалистички начин на живот на луѓето, па се боревме со сè што не беше во согласност со тоа. Целта беше да се „контролира сцената“ како што се ширеше, да се спречи да стане добро позната“, вели тој.
На крај, го направиле тоа што го правеле секогаш – регрутирале што е можно повеќе информатори.
Друга тактика била да ги регрутираат членовите на „илегалните бендови“ во задолжителна воена служба и да ги испраќаат на различни делови од државата.
„Одеднаш, бендот немаше музичари“, вели Брески.
Но, многумина биле решени да дадат отпор. Дирк Калиновски од панк бендот Зерфал ми раскажа како Штази вршеле притисок на него и неговиот бенд.
Преживеале како изведувачи, благодарение на исклучителниот сојуз со Берлинската црква, која им дала засолниште. Властите на ГДР, кои инаку биле сурови, биле свесни за привлекувањето на интернационално внимание преку мешање директно со активностите на црквата.
Црквата, вели тој, била „заштитен простор“.
„Можеше да те уапсат како што пристигнувавте пред вратата, или на одење дома. Но, внатре сите беа безбедни“.
Затоа, неговата група – која имала забрана од државата да одржува нормални концерти, можела да свири на служби на Евангелистичката црква. Пасторот правел пауза, а потоа ја прашувал претежно постарата конгрегација дали сакаат да слушнат нешто поразлично.
„Беше лудо“, се сеќава Калиновски. „Како фронтмен гледав директно во лицата на конгрегацијата, а тие беа комплетно шокирани. Единствените кои беа „лабави“ беа децата, кои веднаш почнуваа да скокаат. Никогаш нема да го заборавам тоа – еден стар пар си ги покри ушите и излезе од црквата“.
Црква исто така била место за друг неверојатен концерт, кога британскиот музички продуцент Марк Ридер успеал да прокриумчари западногермански панк бенд, Die Toten Hosen, преку Берлинскиот ѕид, да одржат концерт.
„Им реков на моите пријатели, „Ако ме фатат, ќе ме избркаат од државата. Ако вас ве фатат, животите ќе ви се променат бидејќи ќе бидете класифицирани како непријатели на државата“, се потсеќа Ридер. „Рекоа дека не им е гајле и секако ќе го одржат концертот“.
Кампино, пејач на Die Toten Hosen, се потсеќа како бендот се маскирал за да помине преку границата меѓу запад и исток.
„Моравме да ја исчешламе косата, да облечеме соодветна облека“. Тој знаел дека источногерманските власти ќе ги спречат да влезат ако ги препознаат. „Панк рокот официјално не постоеше на исток, и тие не сакаа да го прошират вирусот во ниту една форма“.
Само околу 25 луѓе можеле да дојдат на тајниот концерт во црквата во Источен Берлин. Но „секој во собата знаел дека се случува нешто многу посебно, што може никоагаш да не се случи повторно“.
Бил многу импресиониран, вели, од начинот на кој младите Источногерманци создале свој личен културен простор и покрај – или за инает на притисокот на режимот.
„Имаа одреден вид на гордост, верба. Велеа, „Вие на Запад имате најдобра облека, мода, сето тоа. Но, ние имаме пријателство и си помагаме еден на друг, и не сме површни“, вели тој.
Нивните пријателства „значеле повеќе бидејќи требало да платат двојно поголема цена за сè што се случило погрешно“, како што вели тој.
Затоа овој неверојатен музички живот продолжувал и бил „саундтрак“ на еден вид слобода која малкумина сфаќале дека е возможна. Да, режимите можат да воведуваат секакви видови на рестрикции. Но, сепак музичките фанови создаваа слободен простор, уникатна состојба на умот низ комунистичката Европа.
Од средината на 80-тите, како нов лидер во Москва, Михаил Горбачев започна да ја опушта советската стега на Источна Германија, а западната музика доаѓаше во поголеми бранови преку Берлинскиот ѕид.
Во 1987 година, дури и Дејвид Боуви свиреше концерт веднаш до ѕидот на западната страна. Боуви, глобална ѕвезда која живееше во Берлин, знаеше дека тоа е надреална атмосфера на Студената војна и бунар за музичка енергија. Обожавателите од Исток се собраа близу до ѕидот и слушаа.
За релативно младиот заменик-полициски офицер во Источен Берлин, Дитер Дице, ова поставило професионална и лична дилема. Знаел дека брутален одговор на полицијата, како оној за концертит на Ролинг Стоунс во 1969 година, е контра-продуктивен. А, како обожавател на рокот и некој кој има свирено во бенд, вели дека многу сочуствувал со младите фанови. Но, лидерите на ГДР сепак сакале ред повеќе од сè.
„Мене ми беше јасно дека таа музика, рок музиката им припаѓа на младите, дека нема начин да им се одземе на младите. Затоа јас и уште неколку други почнавме да се караме – зашто и ние не го правиме истото?“.
Властите на ГДР биле убедени да дозволат концерти на својата територија на глобалните суперѕвезди како Боб Дилан и Брус Спрингстин.
Концертите како оној на Спрингстин, вели Дагмар Ховештат, „станаа точка за потенцирање на барањата за човекови права, пристап до патување и право да се изразиш себеси“.
„Замислете – 100.000 млади Источногерманци кои ја пејат „Born in the USA““.
Додека во 60-тте обожавателите на Стоунси кои се надеваа дека ќе ги слушаат своите идоли се соочија со затвор, „во 80-тите тој страв го снема, државата немаше контрола“.
Има многу причини, политички и економски, зошто заврши Студената војна. Но, тој дух на слобода кој извади илјадници на улиците во 1989 година, беше многу значање за да се предизвикаат комунистичките режими.
Откако падна ѕидот и исчезна ГДР, исчезна и Штази. Поранешните полицајци Јирген Брески имале многу време да размислат за нивниот обид да контролираат сè, и за тоа како не им успеало.
„Од денешната перспектива, многу се чини бесмислено, залудно потрошен труд“, ми вели. Кога станува збор за панк музиката, „некогаш имавме влијание, но на крај немаше резултати“.
А што со младите луѓе кои биле осудувани, понекогаш и затворени, за нивната љубов кон музиката?
„Денес би бил против нешто такво. Но, растеш во едно општество, растеш во нормите на едно општество, профитираш од нив. А потоа имаш можност да го видиш тоа од поразлична перспектива и велиш: „Не требаше да биде вака““.
Бетонските гранци, митралезите и бодликавата жица можеа да спречат некои нешта. Но, не и музиката.
„Музиката влегува во духот и во главата и ти слушаш“, вели Ховештат. За неа, се почнува од една германска поговорка: Die Gedanken sind frei – „Мислите се слободни“.
„Музиката која не може да биде спречена од границите те потсетува постојано, дека постои радост во самоизразувањето“.
Пишувано за ВВС од Крис Баулби