Многу често еден одреден предмет станува симбол за цело протестно движење. На големите демонстрации во Хонг Конг во 2019 година тоа беа чадори, во Тајланг беа гумени патки, додека во Белорусија беше цвеќето, а сега, во Кина, тој предмет е обичен бел лист хартија.
На протестите кои веќе петти ден се одржуваат во најнаселената земја во светот, граѓаните доаѓаа со празни листови хартија. Овој тренд има корени во демонстрациите во Хонг Конг, кога локалните жители држеа хартија во протест против новите драконски закони за национална безбедност. Активистите држеа празни листови откако властите ги забрануваа слоганите и фразите поврзани со масовното протестно движење што предизвика редовни судири меѓу полицијата и мирните демонстранти.
Некои сметаат дека ваквиот гест не е само револт поради цензурата, туку и начин саркастично да се тестира реакцијата на властите – „дали ќе ме уапсите затоа што држам транспарент на кој не пишува ништо?“.
„Нема ништо на хартијата, но сите знаеме што пишува на неа“, вели за Би-Би-Си една жена која се приклучила на протестите во Шангај.
Џони, 26-годишен демонстрант во Пекинг, за Ројтерс изјавил дека хартијата претставува „се` она што сакаме да го кажеме, но не смееме“.
Аналитичарката на кинеските медиуми, Кери Ален, ги набљудувала кинеските цензорски власти кои се интензивирале на социјалните мрежи.
„Десетици милиони објави се филтрирани од резултатите при пребарувањата“, вели таа. „`Празен лист хартија` и `Бела хартија` сега покажуваат само одредени резултати“, посочува.
Цензорите кои ги „чешлаат“ социјалните медиуми предизвикаа бес во онлајн заедницата. „Ако се плашите од празен лист хартија, тогаш сте слаби одвнатре“, напишал еден корисник на социјалните мрежи.
Во меѓувреме, произведувачот на хартија „Шангај М&Г“ беше принуден да ги негира сомнежите дека ги повлекол сите А4 хартии од продажба поради нациноналната безбедност. Според претставници на компанијата, производството на хартија се одвива нормално и тие ја известиле полицијата за фалсификувани документи кои се ширеле по социјалните мрежи кои го разгорел таквиот сомнеж.
Но, истовремено, празниот лист хартија стана и некаква мета за оние кои се` уште се лојални на централната власт и се гневни на бранот протести. На едно видео, за кое се верува дека било снимено во саботата на Комуникацискиот универзитет на Кина во источниот град Нанџинг, се гледа човек кој бесно одзема лист хартија од демонстрант пред да го напушти местото на протестот.
Во друго видео од истото место може да се видат десетици други студенти кои на кампусот држат листови бела хартија стоејќи во тишина.
Граѓаните кои протестираат исто така се префрлија и на други видови анти-владини коментари, меѓу кои и саркастични пораки во поддршка на строгите анти-ковид политики на Кина. Во еден случај, откако полицијата наредила на десетици демонстранти да престанат да извикуваат слогани против ковид-мерките, граѓаните во одговор започнале со саркастични извици како „Повеќе карантини“ и „Сакам ковид тест“.
На Цинхуа Унивезитетот во Пекинг дел од студентите носеле хартија со напишани Фридманови формули (Friedmann equations) , преку кои рускиот физичар и математичар објаснува како Универзумот еволуира низ времето. Но, вистинската причина за користење на овие формули е игра на зборови со името на научникот – Free Man (Слободен човек).
Последново деноноќие протестите низ Кина се намалени, по жестока реакција на властите. Во неколку градови било забележано силно присуство на полицијата, а дел од најавените собири биле спречени да се одржат. Според некои информации на дел од луѓето им биле пребарувани телефоните.
Протестите се проширија викендов откако во четвртокот во пожар во зграда во градот Урумчи загинаа 10 луѓе. Локалното население тврди дека поради ковид-рестрикциите станарите биле спречени да се евакуираат од зградата, а пожарникарите доцнеле со интервенцијата. Ова предизвика бран незадоволство низ земјата, каде граѓаните бараа ставање крај на строгите ковид-карантини, а дел од демонстрантите бараа оставка и од кинеската влада и претседателот Си Џинпинг.