Хуманистот, активист и здравствено лице, Денис Јанкуловски – Космонаутко влезе во учебникот „Граѓанска и политичка партиципација“. Се работи за универзитетски учебник наменет за студентите по правни и политички науки.
„Епа драги мои, дојде и тој ден. Каква чест, денес Космонаутко влезе и во учебник. Тешко наоѓам збор за да опишам како се чувствувам, ова е награда, ма повеќе од награда. Ејјјј, студенти ќе читаат и ќе ме спомнуваат како пример од Македонија. Па па па, радости невидени. Им благодарам на тимот Професори на чело со Јасмина Трајкоска Наумоска за оваа чест што сум дел од нешто што е првенче, што е трајно, едноставно Благодарам. Правете добри дела, волонтирајте, прифатете, почитувајте, вклучувајте. Наградите сами си доаѓаат. Гуш и Бац“, соопшти Јанкуловски.
Во самиот учебник, во делот за индивидуалци и групи кои преку своите заложби постигнуваат општествени промени во согласност со јавниот интерес, за Јанкуловски стои дека тој од 2018 година, симболично на Втори април, денот посветен на лицата со аутизам, започнува активизам за подигнување на свесноста за присутноста на лицата со аутизам меѓу нас, нивно прифаќање и почитување.
„За време на Ковид-19 стана познат како Космонаутко, а потоа е познат во јавноста и преку: онлајн и офлајн активности преку социјалните медиуми, настани, учества на конференции, работилници, презентации на заложбите пред студенти за да се подигне свесноста за лицата со аутизам во Република Северна Македонија и да се обезбеди простор за нивна интеграција и развој. Основач е на здружението ‘АУТИЗАМ ААМК’. Денис е автор и на книгата „Другарко“, која е издадена во 2024 година и е ретка книга и за најмладата популација, која има содржина за деца со атипичен развој. Другарко, главниот лик во книгата, е дете со аутизам. Ова дело е многу значајно за социјализација од најмала возраст која учи на: заедништво, етика во другарството и прифаќање.
Инаку, Јанкуловски исто така е организатор на веќе традиционалниот инклузивен настан во Градски парк – „Играме заедно“, кој секоја година се шири и добива нови активности, игри и поддржувачи во делот околу „Школка“.
Исто така, Јанкуловски неодамна го организираше и инклузивниот „Пешачиме за поддршка“. Со прошетката низ Градскиот парк и по кејот на Вардар, на која се придружија и лица со атипичен развој, тој им даде мотив да се продолжи со дружбата секој викенд.
Заедно со кантавторката Мијата и децата од „Златно славејче“, тој ја сними песната „Гуш и бац“, која ја нарекоа инклузивна химна. Во неа учествуваа и деца со атипичен развој.