Група студенти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ повикуваат заинтересирани да учествуваат на третата студентска филолошка конференција „Како си ми?“, која ќе се одржи на први април.
Можат да учествуваат студенти од сите универзитети и факултети во Македонија кои се на додипломски студии, или имаат дипломирано во последните 12 месеци. Излагањата можат да бидат индивидуални или групни.
Конференцијата ќе се состои од излагања од 10 минути по кои ќе следува дискусија. Темите на излагањата може да бидат од областа на филологијата, лингвистиката, книжевноста, методиката, преведувањето или толкувањето, или други области поврзани со нив.
Конференцијата, како што велат организаторите, има цел да го поттикне интересот кај студентите за истражувачка работа, јавна презентација и дискусија на различни теми што ги интересираат за време на студиите. Конференцијата ќе се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, додека во моментов во тек е пријавување за учество.
Организаторите информираат дека работниот јазик на конференцијата е македонски, додека рокот за пријавување е до 24 февруари. За пријава за учесто потребно е да се испратат ваши податоци, тема на излагањето и апстракт (од 150 до 200 збора) на kakosimi.flf@gmail.com.
Повеќе информации можат да се најдат и на фејсбук страната на настанот.