„Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство“, се вели во реакцијата од Хелсиншкиот комитет, по неодамна објавеното интервју од влогерот и инфлуенсер познат за младите, Стефан Лазаров.
Во еден од видео подкастите на Лазаров, кој веќе има над 50 илјади прегледи, гостува медиумското лице Драган Павловиќ – Латас, кој во влогот споделува дека тој и неколку другари на 15 годишна возраст злоставувале и силувале девојка, посочуваат од Комитетот.
„За двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците“, се вели во реакцијата.
Дополнително, од Хелсиншкиот комитет посочуваат дека таа култура, им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и да бидат славени како „вистински мажи” и победници.
„Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да и се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, стои во реакцијата.
Стефан Лазаров е македонски влогер со над 75.000 следбеници на платформата Јутјуб.
Во петокот, пред Министерството за внатрешни работи (МВР) се одржа протест со мотото „Не сме безбедни“, каде присутните побараа заштита на жртвите од родово базирано насилство.