Велосипеди врзани на ограда наместо на вело-паркинг се честа глетка во скопските средни училишта. Иако најголемиот број од училиштата имаат поставено ваков паркинг, сепак мал е бројот на ученици кои одлучуваат со велосипед да одат на училиште.
Дел од нив, поради немањето соодветна вело-инфраструктура од домот до училиштето, но дел и поради тоа што се сомневаат во безбедноста на вело-паркинзите во училиштата, покажа Инстаграм анкетата на Радио МОФ, направена меѓу скопските средношколци. Така, 35 отсто од средношколците одговориле дека немаат паркинзи во нивното училиште.
Таму пак каде ги има, дел од средношколците реагираат за безбедноста и начинот на кој се поставени.
„Не може да се врзе велосипедот убаво таму, повеќето ги врзуваме покрај ограда“, вели средношколец за Радио МОФ, во одговор на Инста-анкетата.
Најмногу вело-паркинзи има во скопската гимназија „Орце Николов“, 50 на број. По нив следуваат СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ со паркинг за 38 велосипеди и АСУЦ „Боро Петрушевски“ за 25 велосипеди. Сепак, според одговорите кои ги добивме од скопските средни училишта, мал е бројот на ученици кои решаваат до школо да патуваат со велосипед. Но има и поинакви случаи, како во гимназијата „Зеф Љуш Марку“, каде одговориле дека имаат 10 места за паркирање велосипеди, а 10 вработени и 6 ученици до училиште патуваат со велосипед. Пет средни училишта „Никола Карев“, „Георги Димитров“, „Марија Кири Склодовска“, „Лазар Танев“ и „8 Септември“ не одговорија на барањата за пристап до информации од јавен карактер.
Според иницијативата „НаТочак“, иако во училиштата има паркинзи за велосипеди, дел од нив не се направени по стандард кој ги задоволува безбедносните и корисничките потреби.
„Пред се, дел од паркинзите се од тип кој дозволува само заклучување на предното тркало, што е небезбедно, посебно за оставање без надзор цела училишна смена. Понатаму, дел од паркинзите се поставени на локации кои не дозволуваат паркирање на велосипеди поради близината до ѕидот. На крај, често се случува да се поставени само 2-5 паркинг места за цело училиште со повеќе од 200 ученици + вработени во училиштето“, забележуваат од НаТочак.
Оттаму укажуваат дека додека решавање на проблемот со вело-инфраструктурата во Скопје е комплексно, за паркингот во школите има релативно едноставни решенија.
„ За добар паркинг потребно е да може велосипедот да се врзе на две места (рам и тркало), да е доволно висок, да биде на лесно видливо место (не позади училиштето или во затскриен дел), по можност да биде под стреа и да не е прилепен до ѕид“, велат од НаТочак.
Исто така додаваат дека е важно пред училиштата да нема високи рабници, жардинери и капии наменети за спречување на автомобили да влегуваат во школскиот двор, за да може секој со велосипед без проблем да влезе во школскиот двор и да вози до паркингот.
Од здужението Еко Логик пак неодамна работеа истражување за тоа колку од младите користат велосипед, како за рекреација, така и за на училиште. Со оглед на тоа што велосипедот рекреативно го користат 65,8% од испитаниците, сметаат дека е добар предзнак за идни урбани велосипедисти. Сепак, кога се работи за патување, истражувањето покажало дека средношколците најмногу користат јавен превоз (74,6 %), а многу мал дел односно 6,6 % користат велосипед.
Недостига мотивација, забележуваат од Еко Логик.
„Сме имале ситуација каде деца сакат да одат со велосипед на училиште, но родителот категорично спречува, поради фактот на недоволна безбедност. Комбинацијата на несигурност на самите велосипедисти во сообраќајот, ужасната сообраќајна култура, заедно со домашното влијание (во голем дел оправдано) дава резултат на мал број на деца/млади кои одат со велосипед од/до училиште,“, велат оттаму.
Од Еко Логик пак немаат големи забелешки за паркинзите кои сега ги има во скопските средни училишта. Сепак сметаат дека има простор за подобрување, пред се кога се работи за бројот на достапни места за паркирање на велосипедите.
Ј.Ј./С.С./Мапа: М.К.