Двајца државни сенатори на Калифорнија преложија закон со кој ќе се справуваат со лажните вести. Имено, тие сакаат во основните и средните училишта учениците да имаат задолжителни часови по медиумска писменост, со цел да научат да препознаваат нејасни, фабрикувани или неточни вести.
На северот на Калифорнија, државниот сенатор Бил Дод предложи мерка која ќе побара од државниот совет за образование да состави програма за медиумска писменост. Неговиот предлог би инкорпорирал часови од прво до 12-то одделение според американската програма за средно образование, а ќе се обиде да ги учи учениците на критичко размислување, независно истражување и „дигитално граѓанство“.
„Порастот на лажните и нејасните вести е многу загрижувачки“, вели Дод. „Уште позагрижувачки е недостатокот на образование кое ќе осигура луѓето да можат да разграничат што е факт, а што не е“.
„Преку давање соодветни алатки на учениците да ги анализираат медиумите кои ги консумираат. Можеме да им овозможиме да направат информирани одлуки“, додава Дод.
Во Лос Анџелес, пак, членот на градскиот совет Џими Гомез воведе засебен, но сличен закон чија цел е да се добие „граѓанско онлајн разбирање“ во ученичките курикулуми. Неговиот закон опфаќа вештини по критичко размислување во повеќе часови, како англиски јазик, наука, математика и историја.
Во ноември, истражување на Универзитетот на Стенфорд откри дека 82 посто од средношколците кои биле анкетирани не можат да кажат што е вест, а што е реклама.