Потпретседателката на САД, Камала Харис официјално стана претседателски кандидат на Демократската партија, како резултат на онлајн гласањето на Демократскиот национален комитет, пишува „Војс оф Америка“.
Харис е првата Афроамериканка и јужноазиска Американка која станала претседателски кандидат на водечка американска партија.
Нејзината номинација следи по лошиот настап на американскиот претседател Џозеф Бајден на дебатата со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во јуни. Тој настап ја разниша довербата на неговите поддржувачи во неговите можности за реизбор за втор мандат и поттикна внатрепартиско несогласување околу тоа дали тој треба да остане во трката.
Кога Бајден објави дека се повлекува од претседателската трка, Харис и нејзиниот тим почнаа да работат за да ја добијат поддршката од партиските делегати, неопходна за номинација на онлајн партиското гласање.
Тимот на Харис во петокот објави дека таа обезбедила поддршка од доволно делегати за да биде демократски претседателски кандидат.
Се очекува Харис денеска да го објави својот кандидат за потпретседател, со што ќе стави крај на двонеделните интензивни шпекулации за тоа кој ќе биде, јавува Би-би-си.