Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Владо Камбовски денеска ја критикуваше власта што не побарала мислење во однос на изградбата на универзитетите „Дамјан Груев“ и „Мајка Тереза“, чие формирање досега предизвика поделени реакции низ јавноста.
„Тоа е лоша практика. Поради законската обврска, за секој проект Министерството за образование и наука (МОН) е должно да побара и мислење од Академијата, а тоа не е направено. Моето лично мислење е дека системот на високото образование е еден жив организам – тој е флексибилен и пулсира според потребите на општеството и времето. Понатаму, се прилагодува по европските и светски текови во развојот на образованието, особено од аспект на европските квалитети и стандарди“, рече Камбовски одговарајќи на прашања од новинарите, а пред свеченоста за одбележување на 49 години од постоењето на МАНУ.
Според професорот, секоја иницијатива за основање на јавна или високообразовна или научна институција мора да биде придружена со еден сериозен проект, студија, во која би земале учество и компететни луѓе од образованието и науката.
„Друго, она што е законска обврска, сите тие проекти треба да бидат усогласени со програмата за развој на високото образование и научноистражувачката дејност, која мора да ја носи Собранието. За жал, нашето Собрание нема донесено такви програми, кои треба да бидат основа и за одредување на буџетските средства за финансирање на дејноста“, рече Камбовски.
Тој негативно одговори на новинарското прашање дали Академија потпаднала под политиката, туку рече дека „посматрајќи го проектот на високото образование, наука и истражување како автономен проект, тој го бара местото на академската и научната заедница во креирањето“.
„Политиката мора да се прилагоди на барањата на науката и високото образование, а не обратно“, констатираше Камбовски.