Илјадници граѓани повторно се судрија со полицијата на вториот ден антивладини протести во Белград и неколку други градови низ Србија, револтирани од тоа како власта се справува со ситуацијата со коронавирусот.
Протестите започнаа околу 18 часот, а откако граѓаните масовно се собраа на улицата пред српскиот Парламент дел од нив почна да фрла камења, факели и други предмети кон полицијата, која пак возврати со солзавец. Полицијата набрзо потоа го разби собирот пред Парламентот, а во акцијата се вклучија и полициската коњаница, како и повеќе специјални полициски возила.
Во моментов граѓаните се собрани главно во една од околните улици околу Парламентот, а блокиран им е пристапот до главните институции како Парламентот и Претседателството. И понатаму граѓаните фрлаат камења врз полицијата, додека таа се обидува да ги потисне низ улиците.
Baklje u Bulevaru Kralja Aleksandra. Naspram demonstranata 7 policijskih vozila i oko stotinu pripadnika Žandarmerije. pic.twitter.com/ZuNkeLO7vy
— KRIK (@KRIKrs) July 8, 2020
На снимките на српските медиуми можеше да се забележи како полицијата уапси повеќе лица, додека истовремено на улиците можеа да се видат и повредени луѓе.
Освен во Белград, денеска се протестира и на улиците на Ниш, Крагуевац и Нови Сад.
На самиот почеток на денешните протести граѓаните од власта побараа одговорност за вчерашното полициско насилство, како и разрешување на кризниот штаб одговорен за ситуацијата со коронавирусот.