На 28 мај со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана со камерната опера „Свадба“ од Ана Соколовиќ.
Како што информираат од Националната опера и балет (НОБ), „Свадба“ е камерна опера на српски јазик за шест женски гласови, А капела и повремена придружба на ударни инструменти во изведба на самите пејачи.
„Музиката и либретото се напишани од Ана Соколовиќ, српска композиторка која живее во Канада. Дејството на операта се случува вечерта пред свадбата на Милица, млада девојка која со другарките го слави заминувањето во брачниот дом“, стои во соопштението.
Диригент е Јелена Шасник, режијата е на Андреј Јус, сценографијата на Јаро Јеше, а костимографијата на Маја Сотошек.
Настапуваат: Штефица Грасели, сопран, Тереза Плут, сопран, Катја Конвалинка, сопран, Ирена Јебуах Тиран, мецосопран, Барбара Јернејчиќ, мецосопран и Ања Земљариќ, мецосопран.
Инаку, операта премиерно била прикажана во 2011 година во Торонто.