Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во соработка со Министерството за култура почна кампања за популаризација на македонската литература за деца и денеска организираше средба на писатели за деца со најмалите читатели.
„Дваесет причини за читање книга“ е мотото на кампањата што ќе се организира со основните училишта. Ученици од трето одделение од ОУ „Коле Неделковски“ беа на првата средба и кажуваа свои причини зошто го сакаат читањето, па рекоа дека им ја храни душата со емоции и знаење, им ја развива фантазијата, им го збогатува речникот, пишува МИА.
Совети за повеќе другарување со книгите, а помалку со интернетот, тие добија од четворица познати и најчитани автори за деца во Македонија – Стојан Тарапуза, Велко Неделковски, Горјан Петревски и Александар Кујунџиски.
Мнистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска изјави дека продукцијата за деца е за 60 проценти поголема од минатите години.
– Оваа година за поддршка стигнаа над 50 проекти од детската литература, а поддржавме 38, со цел да се збогати литературата за деца од која ќе има силен ефект, додаде министерката за култура.
Според Стојан Тарапуза, иако е загрозена од интернетот, книгата не умира и е безвремена. – Таа е наша другарка, учителка, од духовна беда спасителка. И се што се прави во име на книгата, треба да го поздравиме, да се активираме сите, за да и помогнеме на книгата. Нема светлина без знаење. Знаењето е храбост, незнаењето е страв. Само книгата може да не ослободи од стравот на незнаењето, рече Тарапуза.
Кампањата за популаризација на книгите кај најмладите, која денеска почна во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, ќе продолжи во централните библиотеки „Другарче“, „Страшо Пинџур“ и „Цветан Димов“ и во останатите 14 библиотеки во Скопје, а ќе бидат вклучени и основните училишта.