Унгарската влада од неодамна започна кампања против американскиот милијардер од унгарско потекло Џорџ Сорос.
Билборди, плакати и телевизиски спотови со порака „Да не дозволиме Сорос да се смее последен“ се употребуваат за да се рекламира антиимиграциската политика и да се критикува поддршката на Сорос за бегалците и мигрантите.
Сорос, пак, ја критикуваше кампањата и ја нарече антисемитска.
„Јас сум вознемирен од користењето на антисемитски слики од сегашниот унгарски режим како дел од неговата намерна кампања за дезинформација”, рече тој.
Кампањата повлече и други навредливи графити, поради што најголемата еврејска организација во Унгарија „Мазихис“ („Mazsihisz“) побара од премиерот Виктор Орбан да ја запре кампањата. Директорот на организацијата Андрас Хеислер напиша дека „отровните пораки и штетат на цела Унгарија“.
Дел од опозициските активисти и граѓани започнале да ги отстрануваат постерите.
Унгарската Влада соопшти дека ќе ја прекине кампањата во сабота, непосредно пред посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тоа е првата посета на израелски министер во Унгарија по падот на комунизмот во 1989 година.